Доделени првите дипломи на Правниот факултет во Кичево

Министерот за образование и наука, м-р Панче Кралев, денес 12.12.2012 година присуствуваше на доделувањето на дипломите на првата генерација дипломирани студенти на Правниот факултет во Кичево. Честитајќи им го дипломирањето на студентите, м-р Кралев, додаде

„Посветеноста на правото бара доживотно учење, вклучувајќи постојано образование, компјутерски вештини, комуникациски стратегии, етика, правосуден испит. Само со труд и упорност се постигнува успех и се остварува целта која ја имате зацртано.“

Министерот Кралев во своето обраќање пред студентите на Правниот факултет во Кичево напомена дека една од заложбите на Министерството за образование и наука е креирање на стратегии со кои се овозможува еднаков пристап до високото образование на сите граѓани на Република Македонија. За таа цел, во континуитет се отвараат дисперзирани студии во оние градови во кои студентите досега немале можност за студирање, со што се обезбедува и нивно вклучување во процесот на високото образование.

Правниот факултет во Кичево, при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола, формиран е во 2008та година, кога е запишана првата генерација на студенти и тоа: 143 студенти во Кичево и 111 студенти на дисперзираните студии во Битола, односно вкупно 256. Веќе во наредната година во рамките на факултетот се отворени и дисперзирани студии во Струга, а во учебната 2012/2013 година, Правниот факултет во Кичево започна со постдипломски студии по модулите Деловно и меѓународно право на кои се запишани вкупно 57 постдипломци.

На овој факултет, наставата ја реализира квалитетен наставен кадар, кој ги исполнува сите со закон предвидени услови. Вработени се 12 наставници од кои 2 редовни професори и 10 доценти како и 5 соработници – асистенти и помлади асистенти. Покрај нив, во наставата се вклучени и професори од други факултети според потребите на наставните содржини, најголем дел од членките на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола.

Exit mobile version