Прва трка и прво место во планински маратон за Викторија Николоска

На штотуку одржаната трка во планински маратон во околината на Кичево, младата седумнаесетгодишна Викторија Николоска од овој град, го освои првото место во јуниорска конкуренција и беше третопласирана во генерален пласман кај жените. Тоа е извонреден резултат за кичевската гимназијалка, на која оваа ѝ беше и прва трка на која се натпреварува во планински маратон.
-Уште пред три години кога почна одржувањето на „Момата рок треил“, посакав и јас да учествувам. Годинава тоа се случи со поддршка на клубот ПЕД „Ендорфини“ Кичево, чија членка сум две години, со што се исполни мојата долгогодишна желба да бидам дел од оваа трка. Искрено, не се подготвував долго за овој планински маратон, активните подготовки траеја околу еден месец, кога во слободно време трчав во СРЦ „Крушино“ и низ градот. Посебно ми причинуваше задоволство сознанието што на олку тежок терен се натпреварувам со искусни маратонци, кои имаа многу слични трки зад себе. Предизвик ми беше и можноста да уживам во панорамата и убавината на Селечка Планина – ни рече Викторија, полна со импресии од оваа трка.

Читај повеќе