Путин призна дека некои авантури му се режирани

Рускиот претседател Владимир Путин призна за прв пат дека некои од неговите авантури снимени во дивината во Русија се наместени и вешто режирани, но вели дека таквите фото сеанси биле изведени од хумани, а не од политички причини, пишуваат британските медиуми, повикувајќи се на неговото интервју со еден опозициски новинар, јави дописникот на МИА од Лондон.

Прифаќајки за прв пат средба со новинар кој важи за негов остар критичар, Путин вели дека учествувал повеќепати во „внимателно наместени сцени“, пред да бидат снимени и потоа објавени.

Стана практика рускиот претседател кој еден мандат пред тоа беше руски премиер, да се прикажува како јава на коњ, лови и убива диви животни, нурка во морската длабочина, лови риба во сибирските непристапни области или лета со импровизирано лерало, внимавајќи притоа, на снимките да се забалежи и телесната градба на Путин.

Сите вакви снимени материјали се третираа како начин за лична промоција на рускиот лидер, прикажувајќи го како човек кој е „постојано во акција“. Меѓу припадниците на руската опозиција, ваквите фото сеанси со Путин беа третирани како „советски тип на пропаганда“.

Неговиот портпарол во една поранешна изјава за британските медиуми, призна дека „барем една“ од фотографските сцени, биле наместени и режирани.

Сега самиот Путин оди чекор напред и самиот открива дека учествува во „уредени сцени“ за фотографирање. Она што сакаме да постигнеме е само да се потенцира грижата за животните, за дивината и за еколошката чистота, рече во разговорот со рускиот опозиционен новинар, претседателот Владимир Путин.

Британските веснци, повикувајќи се на сознанијата на овој новинар, сега пишуваат дека тигарот со кој беше еднаш снимен Путин, бил донесен од една руска зоолошка градина и дека тој не е уловен во дивината, како што претходно се мислеше.

Exit mobile version