Реакции за екстерното тестирање во Кичево

До Kicevo.Mk дојдоа неколку реакции кои се однесуваат на екстерното тестирање кое беше спроведено за прв пат оваа година.

Имено, според ученици и професори од кичевските основни и средно училиште, дури една третина од тестот по историја биле со прашања поврзани со историјата на Република Албанија. Тој материјал воопшто не е изучуван во целост бидејќи професорите кои предаваат Историја на македонски наставен јазик не се обврзани да го предаваат во целост материјалот кој е вметнат во учебниците наменети за учениците на албански наставен јазик.

Оттука доаѓа и загриженоста на учениците за оцените кои ќе ги добијат бидејќи полагале на материјал кој не им бил во целост изучен, но и на професорите соочени со можноста да им биде намалена платата поради можното отстапување на крајната оцена од оцените со кои оценувале во текот на школувањето.

Kicevo.Mk дојде до сознанија дека овој случај не е единствен само во Кичево, туку дека вакви тестови имало и во Скопје и во повеќе градови во Македонија. Во Бирото за развој на образованието се веќе  запознаени за случајот и до нив пристигнале повеќе реакции.

Екстерното тестирање за прв пат се спроведува од оваа година.