Хакерската група „Редхак“ го нападна сајтот на турската полиција

Хакерската група „Црвените хакери“ („Редхак“) изврши денеска кибер-напад врз интернет страницата на турската полиција. Моментно пристапот до сајтот е блокиран.

Хакерската група неодамна соопшти дека во текот на овој месец планира да ги нападне веб страниците на повеќе турски институции во знак на протест поради насилството на властите за време на протестите против уривањето на паркот Гези во Истанбул, кои прераснаа во масовни антивладини собири, во кои загинаа пет лица, а неколку илјади беа повредени.

Во врска со денешниот кибернетски напад, „Редхак“ во порака упатена до полицијата преку Твитер напиша: „Откако уби пет лица, им ги извади очите на 12 и повреди осум илјади луѓе, дали мислиш дека ќе можеш мирно да постоиш?“

Турската група „Црвени хакери“, која е поврзана со меѓународната хакерска група „Анонимни“, стана позната со кибернетскиот напад врз полицијата во Анкара на почетокот од 2012 година. Таа, исто така, изврши напади и врз сајтовите на Националната разузнавачка служба, на командите на копнените сили и на военото воздухопловсство, на турскиот телекомуникациски оператор „Турк Телеком“ и на голем број други институции во земјата.

Exit mobile version