Рехабилитација на патниот правец „Преку Турла“ можност за развој на голем регион

Делниците кои треба да се рехабилитираат. Кликни на сликата за подобра резолуција

Постарите жители на кичевско го помнат преминот „Преку Турла“. Тоа е стариот пат кој од Кичево се одело за накај Цер, а оттаму за Крушево и обратно. Се користи отсекогаш.

Со изградбата на патот Кичево – Демир Хисар – Битола, овој пат полека го губи некогашното значење и слабо се користи. Но сеуште постои. За жал, со неговото некористење, на многу села им е ускратена можноста за развој и заживување, а регионот на Суво Поле станал слепо црево. Ова им е болка и на малкуте жители кои останале во селата Цер, Мало и Големо Црско и оние кои оттаму потекнуваат и таму имаат имоти. За да стигнат тие треба да минат пат од безмалку 40 километри. А стариот пат е скоро 1/4 пократок од овој.

Рехабилитација на преминот Преку Турла. Кликни на сликата за подобра резолуција

Со рехабилитацијата на делницата Староец – магистрален пат Кичево/Македонски Брод која официјално беше пуштена пред неколку дена, повторно се отвори старата тема: „Зошто не би се направил патот Преку Турла“? Што би значело тоа за неколкуте села но и за поширокиот регион од Кичево до Крушево? Овој пат сеуште постои, пробиен е и се користи, но по него неможе да се одвива нормален сообраќај. Делницата која треба да се рехабилитира е Староец – Преку Турла – Клучка Црско која изнесува 12,5 километри. Со тоа, наместо досегашните 40 километри кои се минуваат од Кичево до Цер/Црско за околу 40 минути, патот би се скратил на 24 километри и помалку од 20-25 минути возење. Ова е нова можност овој регион повторно да живне и да започне да развива одржливи капацитети кои ќе го вратат во живот на подолго време. Суво Поле ќе се отвори кон светот. Овој крај има огромни можности за развој.

Рехабилитација на патот Цер – Пуста Река. Кликни на сликата за подобра резолуција

Дополнително, со рехабилитација на вториот дел од некогашниот пат кој водел од Кичево до Крушево, во делот село Цер – Пуста Река кој изнесува само 9 километри, Кичево директно ќе се поврзе со соседното Крушево. Наместо досегашните 70 километри пат преку Демир Хисар, патот се скратува за 19 километри и изнесува 51 километар. Мора да се напомене дека оваа делница е низ планински предел. Но со нејзина доизградба се дава можност за развој на голем регион кој досега беше пасивен. Селата Мало и Големо Црско, Цер, Пуста Река, Горно и Долно Дивјаци и Арилево ќе бидат поблиску до светот и ќе се запре нивното замирање. Дополнително, Крушево добива трет влез од северната страна кој ќе го поврзува со Кичево. Двете општини заеднички ќе можат да ги развиваат овие пасивни региони. Потребни се вкупно 19,5 километри пат.

Со новата рута патот Кичево – Крушево би се скратил за 19 километри и отвора можност за развој на голем регион. Кликни на сликата за подобра резолуција

Пресметките горе долу се следните:

Постоен пат: Кичево – Староец 8,6 километри
Пат за рехабилитација: Староец – Клучка Црско (Прекутурла) = 12,5 километри
Постоен пат: Клучка Црско – Цер 4,7 километри
Пат за рехабилитација:  Цер – Пуста Река = 9 километри
Постоен пат: Пуста Река Крушево = 16,2 километри
———————————————————————————
Вкупно: Кичево – Крушево = 51 километар

Она што засега не сме во можност да го пресметаме се вкупните средства кои би биле потребни за рехабилитација на овој патен правец. Ќе си дозволиме да направиме пресметка која немора да биде точна, но приближна. За споредба ќе ги земеме средствата кои беа потребни за рехабилитација на делницата Староец – магистрален пат Кичево/Македонски Брод, долга 2,5 километри и изнесуваа 150 000 евра. Просекот на 1 метар пат е 60 евра. Новиот пат би требало да е нешто поширок и дополнително не е асфалтиран, па би ги зголемиле средствата за 4 пати = 240 евра за 1 метар пат. Произволната сума е 4,68 милиони евра. Да се напомене дека на овој пат нема мостови и потпорни ѕидови. Оние кои се бават професионално можат да ја пресметаат точната цена на чинење.

Дотогаш, да го актуелизираме ова прашање кое се надевам во блиска иднина ќе стане реалност.

Exit mobile version