Ристовски: Очекувам од градоначалниците на Кичево и Струга план за надминување на проблемот

Владата ја следи состојбата со греењето во училиштата и дополнително ќе интервенира доколку има потреба, истакна заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Одговарајќи на новинарски прашања за прекинот на наставата во училишта во Кичево и Струга, Ристовски рече дека очекува сериозен план од градоначалниците за надминување на проблемот.

– Свесни и одговорни сме како Министерство и како Влада. Нема да ја оставиме ситуацијата во комплетна незаинтересираност, но истовремено ние мораме да добиеме план од градоначалниците во која форма и на кој начин планираат да го санираат целиот овој процес. Тоа е состојба што очигледно се продуцира од погрешно или неправилно менаџирање на дел од состојбите на овие две општини, изјави Ристовски.

Тој појасни дека МОН секоја година доставува редовни блок дотации до општините.

– Како и до сите општини, така и до овие две МОН редовно си ги реализира овие обврски и редовно си ги исплаќа дотациите. Во суштина менаџирањето на општината, трошоците и начинот на реализација на обврските се дел од одговорностите на локалната самоуправа, подвлече Ристовски.

Централната власт, според него, нема надлежност да бара директна одговорност од градоначалниците.

– Ние можеме она што е наша надлежност да го спроведеме, односно комисии да направат контрола на начинот на кој биле трошени или употребувани срелствата од дотациите, но сепак тоа се локални менаџери, директори на училишта и градоначалник избран на непосредни избори, рече Ристовски.

Exit mobile version