Ромплетка и цингл (34)

Преставуваше луксуз, скапо задоволство и привилегија за малкумина колекционерството на плочи во тоа време. Покрај веќе афирмираните дискофили во Кичево, се набележаа и некои токму по вакви случки.
Неважно по кој повод, морав да појдам кон болницата. Кај мостот на Сушица слушам како две мали деца „кинисани“ кон болницана, разговараат помеѓу себе:

– „За ромплетка 5 јајца фрлал“ …… вели едното.
– А за цингл ? ….прашува другото.
– 2 јајца ……одговара првото.

Посоката што ја одбрале, ни ги спои патиштата. Одам кон болницата, а тамо од спротива на влезот од болницана, една зграда изградена за потребите на заслужните работници од тогашниот рударски гигант „Тајмиште“. И имав што да видам !

Серијал текстови посветени на Кичево некогаш: „Ако појдам во чаршија“

Повозрасен дечко од овие децава, со стил и држење на главата и рацете, ме потсети на една емисија во која најдобриот светски фудбалер Пеле, објаснуваше „прием на топка и шут со глава“, чекаше ……..
Повторно некој скеч од браќата близнаци М & Б.

Ќе ги кренеше рацете над главата, малку пораширени, поглед кон терасата и ете ти кокошкино јајце од вториот спрат, а тамо позамашна залиха од постари Лонг плеј* плочи и синглови* и неколку табли со јајца.

-Што ќе бидет ? ….прашање од терасата.

Ромплетка …ќе одговори чекачот и летаат 5 јајца, а тој ги пречекува на глава. Избриши се колку може, ама и другите јајца стигнале дур си клепнал. Лаур жолтосан !!!
Бевме школски со „нафрлачот“ од тераса и го прашав:

– „ Абе аман, што прајш“ ?

– „Расчистува со плочиве, не чува поќе“…..

Сега сите знаеме за Пена – парти, ама колку мина знаат за Јајце пена – парти ?!!

Лонг плеј* плочи – грамофонски плочи од поливинил со тонски запис кои се вртат на 33 задвижувања во минута и се со димензија на круг од 30 cm.
Сингл* – грамофонска плоча со димензија на круг од 17 cm.

Пренесува и раскажува: Марјан Стојаноски – Мако

Exit mobile version