Ромскиот Обама зачекори во вториот мандат

Единствениот член на штотуку конституираниот совет на општината Кичево што беше дел и од претходниот состав е Идавер Реџепоски – ромскиот Обама од Кичево, како што го нарекуваат

Преку него и оваа етничка заедница си обезбеди свој претставник, кој и во наредните четири години ќе ги брани ромските интереси во сега реорганизираната општина Кичево. Тој на конститутивната седница и официјално го верификува вториот советнички мандат.

– Ова не е само привилегија туку и обврска во наредните четири години да ги штитам интересите на мојата етничка заедница. Впрочем јас и во претходниот мандат бев член на советот на општината и сите многу добро знаат какви беа моите заложби во тој период. Токму големата грижа за ромското население придонесе да ме наречат ромскиот Обама, бидејќи сите проблеми што ги имаат моите сограѓани јас ги решавам на најдобар можен начин – вели Идавер.

Нашиот соговорник, кој до таа мера е популарен во Кичево што и при самото споменување на името Обама таму првата асоцијација е токму тој, Идавер Реџепоски, ветува уште поголем ангажман за своето население.
– Во претходните четири години многу постигнавме во секој поглед. Во тој ритам ќе продолжиме и во наредниот период. Изградивме многу улици и тротоари и таму каде што никој не можеше да поверува дека ќе биде асфалтирано или поставени бекатон-плочки. Се трудам моите Роми што повеќе да се описменуваат и да студираат, а во блиска иднина и нашето население да биде вработено во што поголем број. Само тогаш ќе бидам задоволен од она што сум го постигнал, и затоа не напразно ме викаат големиот душегрижник за Ромите од Кичево – заврши Обама од Кичево, алијас Идавер Реџепоски.

Зоран Антоски

Извор: Нова Македонија