И Сали Рамадани се кандидира за кичевски градоначалник

Сали Рамадани е уште еден кандидат за кичевски градоначалник. Како што објавува порталот Плусинфо, тој денес во Кичево официјално ја најавил својата кандидатура како независен кандидат.

– Сакам да се врати победата во Кичево после 69 години и оваа општина да биде обединета – изјавил Рамадани и најавил формирање на уште една албанска партија, наречена „Вистински обединета Албанија“.

Рамадани беше независен пратеник во вториот пратенички состав (подоцна се приклони кон ДПА). Беше познат по низа испади и шовинистичка реторика, и често пати предизвикуваше смеа во собранието. На изборите во 2004 година претендираше да стане и претседател на Република Македонија, но не му појде од рака собирање на потребните потписи за кандидатура.

Претходно за кичевски градоначалник од ДУИ беше кандидиран сегашниот градоначалник на Осломеј, Фатмир Дехари. И тој, слично на Рамадани, најави дека „новата албанска историја ќе започне од Кичево“. Тој е поддржан од сите албански партии, но и покрај тоа Мендух Тачи му прогнозира пораз на изборите на 24 март.

Иако најавуваа дека ќе настапат обединети, вчера НДП на Руфи Османи најави посебна советничка листа за Кичево.

Засега Рамадани и Дехари се единствените кандидати од албанскиот блок.

Од македонскиот блок сеуште нема конкретни информации за настап.