Се најавува истражување на Кичевското Китино Кале

Директорот на Заводот за заштита на културното наследство, Паско Кузман, најави истражување на Кичевското Китино Кале за кое се врзуваат многу неодговорени прашања, пишува денешна Нова Македонија. Китиното Кале од поодамна се врзува како една од неколкуте можни локации на која се наоѓал античкиот град Ускана.

– Треба да почнеме со истражувања на кичевското кале, па ќе видиме што ќе дознаеме од таму, дали под него лежи Ускана или не. Инаку градот се споменува само во античките податоци, не е никогаш пронајден. Исто така, се претпоставува дека во него живеело илирското племе Пенести. Од сѐ што досега се знае, најмногу се алудира дека е под калето. Затоа ќе го истражуваме и очекуваме да добиеме добри резултати од тоа – вели Кузман.

Свое мислење околу можноста да се пронајде Ускана дава и реномираниот професор Виктор Лилчиќ.

– За научно да се докаже дека Кичево е Ускана се потребни многу години истражување. Притоа, ќе бидеме сигурни дека ќе ја погодиме целта само со некое спектакуларно откритие ако најдеме натпис Ускана, но многу е тешко тоа да се очекува – смета Лилчиќ.

Но, како и секој научник, тој предупредува дека мотивите да се дојде до кое било сознание (во овој случај да се поврзе денешно Кичево со античка Ускана) не смеат да бидат политички.

– Не треба да ја бараме Ускана за некој да докажува некакво историско право врз некое место, односно научните истражувања не треба да служат за да се произведуваат конфликти. Евентуалните резултати треба да им послужат на денешните генерации, како туристичка атракција и слично – категоричен е Лилчиќ.

Китино кале никогаш не било истражувано. За него се археологот Иван Микулчиќ пишува:

-Месноста „Кале” се наоѓа на источниот крај од централниот дел на Кичево. Претставува питомо ритче со кружна основа зарамнето озгора, високо до 20 м над источното подножје и реката (633 м н.м.). На западниот крај се поврзува преку ниско и широко седло со рамницата, во која се соединуваат рекичките Осојска, Зајаска и Темница формирајќи ја Велика. Тука израснало јадрото на средновековниот и денешен град Кичево.

Најстари остатоци. Непосредно крај западното подножје на Калето поминувал прастариот пат од Скопје и Полозите кон Охрид на југ и Прилеп на исток (античкиот пат Скупи — Лихнид). Веројатно во римско време на Кале бил изграден крајпатен кастел за контрола на патот. Оваа тврдина постоела на крајот од антиката; најдени се монети — една остава закопана по средината на 3. век, потоа единечни парчиња од 4. и 6. век (во Археолошки музеј Скопје).

Средновековни остатоци. Градот Кичава бил изграден врз постарите остатоци, на површината од околу 150 х 100 м. Во турско време покрај тврдината постоела и голема цивилна населба, која прераснала во денешниот град. На просторот на старата крепост денес е уреден градскиот парк. Археолошки ископувања тука не се вршени. Во 1929 г. најдени се 302 сребрени монети од 14. век (српски и венецијански; во Народниот музеј, Белград).
Повеќе документи го спомнуваат Кичево. Во повелбата на Василиј II од 1020 г. стои „тен Китсавин”; — во 11. век — „кастрон Киттава”; — во 13. век — „тен Китсавин”, „тес Китсавеос”; „въ Кичаве”; во 1265 г. се споменува „от Кичаво”; — во 1300 г. — „от Кичаве”; во 1468 г. — „Кирчова” (турски). Кичава функционирала низ вековите како византиски кастрон (од 10. до 13. век), кој ги контролирал патиштата на периферијата на Царството, во насоката на честите српски упади од север. Во 1257 г. Србите за кусо време ја освоиле Кичава, а меѓу 1282 и 1297 г. Милутин за постојано ја одзел од Византија. Во ранотурско време во тврдината Кичава била сместена стража; во 1468 г. населбата броела 217 куќи, а тврдината 14 стражари; во 1519 г. имала 20 војници.

Пишаните извори конкретно за ова место не даваат никаков навод дека Ускана е тука. На Кичево.МК веќе имаме пишувано за Ускана и за самото Китино Кале. Во градежните зафати кои се вршат последниве години на просторот околу калето (за жал) нема никакви сериозни наводи за постоење на некаква поглема урбана целина од постаро време. Повеќето остатоци упатуваат на развиен и доцен среден век, најмногу на османлискиот период ( 1. Откриен и скелет при реконструкцијата на главната улица 2. Откриени два бунари при реконструкцијата на главната улица 3. Фотографии од еден од откриените бунари 4. Петте средновековни цркви во Кичево)

Предмети од постаро времесе пронајдени на просторот на Џума џамија – Султан Бајазид (средновековна црква Света Петка) пред повеќе од 2 децении од страна на археологот Гордана Спасовска Димитријоска.

– Во гробот 1 во вториот откоп била откриена држалка од мал скифос, обоена со разреден црн фирнис која потекнува од хеленистичкиот период III и II  век пред нашата ера. Камените плочи со својата големина како и наодот, држалка од скифос во еден момент биле основа за послободно размислување дека се работи за елементи од некоја разрушена хеленистичка односно, античка гробница. По извршените проверки, останува само како факт дека е пронајден фрагмент од хеленистичка керамика на територијата на градот – пишува тогаш Димитријоска.

Античката Ускана се споменува како град кој постоел за време на Третата Македонско – Римска војна. Во градот живеело племето Пенести (точното потекло на ова племе е предмет на дискусија). Градот бил разрушен од последниот македонски крал Персеј во 168 година пред нашата ера, а населението (8 000-10 000) било одведено во ропство во Стибера. Оттогаш не се споменува. Научниците ја лоцираат Ускана во триаголникот Охрид-Дебар-Кичево.

За постоење на антички град на територијата на Кичево, но под името „Скиртиена-Скиртијана“ зборува и англискиот патеписец Едмунд Спенсер кон средината на 19 век, но повторно без никакви сериозни наводи.

Exit mobile version