Интензивно се работи на кичевската болница (фото)

Во полн ек се активностите на новата кичевска болница. Работите започнаа овој септември по цели 24 години пауза, време во кое и она што беше изградено пропаѓаше.

Новата кичевска болница се гради според сите најмодерни и современи стандарди и треба да опслужува над 80 000 жители од Кичево, Пласница и Македонски Брод и за гостите кои претстојуваат или транзитираат во овој регион.

Болницата се протега на 4500 квадратни метри и во неа ќе бидат сместени 5 одделенија за секундарна здравствствена заштита, 4 одделенија со дневна болница (ургентно, амбулантно, интерно и гинекологија), дел за дијализа и 10 специјалистички служби. Ќе располага со 65 кревети.

Кичевската болница започна да се гради во 1989 година, а работите целосно беа прекинати во 1991 година.Оттогаш имаше повеќе најави за нејзино доизградување кои никогаш не се остварија.

Конечно, во април минатата година министерот за здравство, Никола Тодоров при посета на медицинскиот центар кажа дека на владина седница е донесена одлука за конечно завршување на болницата. Истата информација пред точно 1 година и официјално беше потврдена од премиерот Никола Груевски кој тогаш го најави почетокот на изградбата на болницата за оваа година.

Тендерот за нејзината изградба беше распишан на 8 јануари годинава, а еден ден подоцна Тодоров на прес конеренција го презентираше конечниот изглед на болницата.

Кичевската болница изминативе неколку години од државни средства доби неколку современи апарати кои придонесоа во подобрување на квалитетот и услугите кои таа ги нуди, нејзините лекари во континуитет се дообучуваат во странски болници, а во моментов на специјализација се испратени 13 лекари.

Кичевската болница треба да биде готова во пролетта 2016-та година. За нејзината изградба ќе бидат вложени околу 200 милиони денари.

Exit mobile version