Кичево,110 години Илинден: Смилевскиот конгрес и почетокот на Илинденското востание [2]

Првата одлука за востание била донесена на конгресот на Револуционерната организација во Солун одржан во јануари 1903 година, која одлука ќе ја проследат сите револуционерни окрузи. Иако прерана оваа одлука ќе биде прифатена во Битолскиот револуционерен округ на конгресот во селото Смилево Демирxисарско, одржан во почетокот на мај 1903 година, под раководство на Окружното раководство предводено од Дамјан Груев. Конгресот започнал со работа на 2 мај само со 17 учесници делегати, но во следните денови пристигнале сите делегати.

Село Смилево. На 2 мај 1903 тука почнал „Смилевскиот конгрес“ на кој е одлучено кревањето на Илинденското востание
Поп Тома Христов Николов од Вранештица. Ја соблекол мантијата и со особен жар влегол во ослободителното движење

Во едeн конзулски извештај од Битола стои забележано: “кога блесна утринското сонце над Смилево, на западниот рид се искачија војводите од Охридско. Тие речиси пристигнаа во истиот миг со војводите и комитите од Кичевско: свештеникот Тома Николов од Вранештица. кој уште во јануари 1903 година, во црквата “Света Недела” во Битола ја соблекол свештеничката облека и како војвода тргнал во борба за слобода, Арсо Мицков Велјаноски од село Подвис, секретарот   во   неговата   чета   Димитар   Спространски   од   Охрид, војводата Јордан Пиперката кој дошол на конгрес со целата своја чета Ванчо Србакот и Наќе Јанев, Јордан Пиперката иако бил укорен за својата постапка за тоа што дошол со својата чета, сепак таа послужила како добро обезбедување на Конгресот. Во завршниот дел од Конгресот на третото заседание со свои дискусии зеле учество војводите: ѓаконот Тома Николов, Арсо Мицков и неговиот секретар во четата Димитар Спространски, како и учителот Васил Пасхов. На оваа свеченост на Конгресот бил определен денот за кревање на востание. Било договорено востанието да започне на верскиот празник “Свети Илија” , на 2 август 1903 година.

Исто така на третото заседание биле определени и востаничките штабови во сите реони. Кичевскиот револуционерен реон бил поделен на два самостојни дела и тоа: Горна и Долна Копачка и Рабетинкол и Поречието. Во востаничкиот штаб за раководство за Горна и Долна Копачка влегле: началникот Лука Ѓеров, војводите: Наќе Јанев од .Лавчани и Арсо Мицков од Подвис, додека во раководството за Рабетинкол и Поречисто влегле: Ѓорѓи Пешков, Ванчо Мицков Србакот, Јанаќија Петров од село Орланци и Цветан Апостолов од село Светораче. По завршувањето на Конгресот, свештеникот Тома Николов заминал за Софија со цел да го информира задграничното

Даме Груев, апостолот на ВМРО. Смилевчанец чие потекло водело од изгореното село Лопушник, кичевско.

претставништво и да ги извести за одлуката за почетокот на востанието. Тома Николов во Софија се сретнал со Ѓорчета Петров.  Тома не успеал да се врати во Кичевско пред востанието и не учествувал во борбите во Илинден.

Востаничкиот штаб, војводите и селските чети ги правеле и последните подготовки. Во повеќе региони биле собрани пари, облека, намирници и оружје. Горскиот началник Лука Ѓеров по секоја цена настојувал да ја реализира заложбата на Даме Груев и во мијачките села да го подготви востанието. Даме горел од желба да се дигнат на востание и мијаците, бидејќи и тој самиот бил Мијак, затоа војводата Наќе Јанев направил обиколки во реканските мијачки села и контактирал со првенците од селото Галичник и Лазарополе. Во повеќе малорекански села биле поставени темели за формирање на револуционерни организации уште во летото 1902 година. Во селата Галичник и Тресонче биле собрани доста намирници, складирани во посебен склад, а од тој предел биле собрани околу 400 наполеони, златни пари за потребите на востанието за купување на пушки. Во подготовките за востание Кичевскиот востанички реон влегол со околу 540 пушки. повеќето “мартинки” и пушки “гра” , како и неколку дрвени топчиња изработени во Бигорскиот манастир и во селата Душогубица и Попоец, а во другите региони во Кичевско биле собрани околу 700 пушки, повеќето “тетовки”. При доаѓањето во кичевско Лука Геров донел со себе и машинка за полнење на фишеци, со што се олеснила работата со оружјето. На Лука Геров му била основна задача да воспостави контакт со Албанците од Дебар со задача да им ја објасни целта на борбата на Македонците да не им помагаат на турските власти за време на претстојните борби. По двете одржани средби со Албанците во Дебар. Ѓеров имал успех, а подоцна Ѓеров се уверил дека дефинитивно му откажале секаква помош на мутесарифот османски, во задушувањето на востанието.

„Горскиот“ началник Лука Ѓеров (во средина), организаторот на револуционерното движење во Кичевско

Во подготовките во кичевски активно работеле и војводите Ванчо Србакот, Наќе Јанев, Арсо Мицков, а заедно со нив работеле и четните секретари Димитар Спространски и Климент Групчев. Во градењето на организационата мрежа за подготовките за востание многу придонеле свештените лица од манастирот “Света Богородица – Пречиста”, игуменот Софронија од село Вранештица, кој парично помагал, а додека поп Стојан Петров во деновите на востанието предводел и чета со 20 востаници, составена од манастирските момци, како и селани од околните села. Се смета дека и конкретниот план за првите востанички акции во Кичевско бил направен во манастирот “Пречиста”.

Манастирот Света Богородица Пречиста крај Кичево. Освен што бил духовно врело, манастирот и свештенството биле дом и заштитници на кичевските револуционери.

Турските власти ги насетиле подготовките за востанието, во Битолскиот вилает во кичевско довлекле два баталјона војска од гарнизонот во Призрен. Војските доаѓале преку Шар планина, Тетово и Гостивар. За ова движење на турската војска, канцеларијата на српскиот конзулат во Скопје испратила извештај до министерството во Белград, во кој извештај се вели ”овие денови ќе стане голем напад на комитите, а оваа војска иде на помошт на тамошната” се мисли на турската војска.

Текст: Душан Ристоски

Илустрација: Љупчо Зорески

<<<Претходно: ПОДГОТОВКИ ЗА ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ ВО КИЧЕВСКО [1]

>>>Следно: ВОСТАНИЧКИТЕ ДЕЈСТВИЈА НА ИЛИНДЕН 1903 ГОДИНА ВО КИЧЕВО И КИЧЕВСКО [3]