Стојаноски: Со напорна работа едноставно е да се биде помеѓу најдобрите

Дарко Стојаноски е млад и ведар човек, по вокација Правник. Пред неколку дена, заедно со тимот од Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје, во услови на досега најголема конкуренција, постигнаа огромен успех на меѓународниот натпревар Philip C. Jessup во Вашингтон. Со него зборувавме за искуството од овој натпревар.

– Philip C. Jessup International Law Moot Court Competition е најстариот, најголемиот и најпрестижниот натпревар во светот за меѓународно јавно право. Овој натпревар постои и се одржува 59 години по ред. Започнувајќи со само 4 студенти учесници, денес натпреварот вклучува околу 700 тимови од целиот свет и преку 2000 студенти. Именуван е во чест на судијата на Меѓународниот Суд на Правдата – Philip C. Jessup. Овој натпревар претставува симулација на фиктивен случај помеѓу две држави пред Меѓународниот Суд на Правдата – објаснува Дарко.

Правниот факултет досега немал традиција на константно учество на овој натпревар. По долги години, создаден е тим кој избрал тематски случај за настап и подготовките започнале. Самиот углед кој го ужива овој натпревар ја издиктирале и тежината на трудот кој бил потребен да го вложат Дарко и останатите членови од тимот.

– Правниот Факултет ,,Јустинијан Први” претходно има учествувано еднаш и тоа во 1993 година. Оваа година по иницијатива на Проф. д-р Сашо Георгиевски беше формиран тим од студенти од мастер студиите по Меѓународно право и односи и право на ЕУ. Случајот, често наречен компромис, секоја година се објавува на 15 септември. Тоа значи секојдневна интензивна подготовка од околу 7 месеци, се до одржувањето во април. За појаснување, таа интензивна подготовка често пати беше 12 па и 15 часовна работа на ден. Мислам дека тоа најдобро објаснува колку оваа награда за ,,Најдобар нов тим” во светот за 2018 година значи за нас. Не мислам дека е тешко да се најде мотивација за тоа доколку се има предвид фактот дека ова е привилегија којашто ја имаат релативно мал број на студенти односно максимум 5 од секој универзитет.

Понатаму, значајно е да се споменат и можностите за продолжување на студиите на некои од престижните универзитети во странство. Исто така, учеството е одлична можност да се запознаат некои од најуспешните научници, судии и адвокати во светот од областа на меѓународното право, чиишто книги всушност се користат за време на подготовките.

На натпреварот му претходеле подготовки и ставање на тест на дотогаш сработеното. Постигнатиот исход од тој натпревар покажал дека се на прав пат, а вложениот труд ветувал резултат.

– Како дел од подготовките, учестувавме и на пријателски подготвителен натпревар во Кипар каде остваривме 3 победи од 4 рунди. Љупчо Стојковски кој беше член на тимот, на натпреварот во Кипар освои индивидуална награда за 6-ти најдобар оратор во конкуренција од повеке од 80 натпреварувачи. Да се биде член на тим кој учествува на ваков натпревар, секако претставува чест, но и исклучителна одговорност затоа што како натпреварувач знаете дека имате само неколку часа да покажете буквално се што сте правеле вие и другите членови на тимот претходните 7 месеци – вели Стојаноски.

НАГРАДАТА Е ПОТВРДА ЗА КВАЛИТЕТОТ НА ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ

Меѓународните натпревари се најдобра можност за да се видиме до каде сме на патот до конкретен резултат. Несомнено, успехот на престижниот натпревар Philip C. Jessup во Вашингтон е добар показател дека сме на добар пат. Но, како и секогаш, нештата можат и понатаму да се подобруваат. Некаде помалку, ама некаде од корен.

– Добиената награда сметам дека претставува едно признание за напорната работа во претходниот период, а воедно и претставување на Република Македонија како држава во најдобро можно светло. Што се однесува до Правниот Факултет, ова е потврда дека тој е дефинитвно еден од најдобрите во регионов и има одредени професори кои поседуваат највисоки можни квалитети и се подготвени да жртвуваат голем дел од своето време за спремање на студенти кои потоа компетентно може да се натпреваруваат со екипи од водечките светски универзитети.

МОЖНОСТА ЗА ПОВЕЌЕКРАТНО ПОЛАГАЊЕ НА ИСПИТИТЕ ДА СЕ СВЕДЕ НА МИНИМУМ 

Дарко имал прилика да зборува со своите колеги од другите земји за образовниот процес во нивните земји. Она што било видливо кога ќе се спореди образованието кај нас и кај нив е можноста за преполагање на испитите која, веројатно, негативно се одразува во изградбата на идниот професионалец во сопствената професија.

– Во однос на високото образование во Македонија, сметам дека има простор за корекции. После сите разговори со колеги и пријатели од странство или од Македонија, кои се образувале во странство, лесно може да се констатира дека студентите во Македонија имаат прилика да го полагаат секој испит огромен број пати, што резултира со калкулации од нивна страна и недоволна сериозност. На најголем број универзитети во странство таквите можности се сведени на минимум што сметам дека претставува многу добра подготовка за реалните случувања по завршувањето на студиите. Живееме во време кое изискува константно полагање на тестови без повеќекратна можност за полагање. Доколку уште од самиот почеток сме навикнати на таквиот систем кој станува се поприсутен и во Македонија, сметам дека ќе имаме лица кои ќе бидат многу поподготвени за соочување со реалноста – објаснува Дарко.

Разговорот со овој млад кичевчанец го привршивме со желба следниот да го правиме за уште еден успех како претходниот. Дарко Стојаноски е добар пример дека со напорен труд и константна надградба резултатите се неминовни. И најважно од се: „Успехот е патување, а не дестинација“.