Прва од ноемвриските средби на градоначалникот на Демир Хисар со граѓаните

По трите есенски тури на средби со граѓаните што градоначалникот Љупчо Блажевски, претседателот на советот Јосиф Ристевски и раководителите на локалните јавни претпријатија и установи ги направија во октомври, минатиов викенд се реализира првата ноемвриска средба. Овој пат беа таргетирани граѓаните на Прибилци, Ново Село, Ракитница, Растојца и Кочишта.

Очекувано, заради големината на селото и бројноста на жителите, тимот најдолго се задржа во Прибилци, едно од поживите села на во демирхисарско и природна меѓа помеѓу Горни и Долни Демир Хисар.
По обиколката на селото, градоначалникот и претседателот со својата придружба најпрвин се задржаа на прибилечкото средсело. По случаен избор, градоначалникот Блажевски се сретна со семејството Ангелевски и на нивно барање, го посети и нивниот дом. Му се пожалија на бавноста во решавањето на извесна административна постапка преку Центарот за социјална работа, а потоа и го замолија, во рамките на неговите надлежности и можности, да помогне во санирањето на некои помали оштетувања на неговата куќа кои што, како што рече домаќинот Бранко, поголемиот дел настанале од последните земјотреси. Градоначалникот Блажевски и директорот на „Комуналец“ ветија дека во текот на наредните денови, без никаков надоместок дел од оштетувањата ќе бидат санирани од страна на „Комуналец“.
Но дел од Прибилчани се пожалија и на друг проблем – водоснабдувањето. Имено дел од потрошувачите што живеат во новоградбите во Долно Маало, имаат „сладок“, ама сериозен проблем. Вода има во изобилие, но притисокот е голем и создава чести дефекти. Директорот на „Комуналец“ Пецо Наловски пред жителите од ова маало ги прифати поплаките и се нафати дека најмногу за три до четири дена ќе биде решен проблемот со високиот воден притисок. Местана заедница има во таканаречена залиха соодветно црево, а „Комуналец“ ќе го постави и поврзи и ќе монтира регулатор за притисокот. Потрошуивачите пак, на свој трошок, наново ќе се приклучат на новата мрежа.

На средбата со локалното раководство Прибилчани се пожалија на проблемите што им се создаваат при доделувањето на селски сечишта за огревно дрво, како и со долготрајните прекини во редовното снабдување со електрична енергија како резултат на немеање на дежурна екипа на ЕВН на подрачјето од целата општина.
Тие исто така побараа на нивна соселанка општината да и додели некаква еднократна помош за набавка на огревно дрво на што градоначалникот и директорот на основното училиште „Гоце Делчев“ Горан Костовски одговорија дека барањето веднаш ќе биде уважено.
Во Ново Село, селото со најпопуларното име, речи си да нема ништо ново. За 10тината постојани жители на селото веќе не е никаква новост што, на пример, за неколку години на селото му се заканува целосно иселување. Четворицата од нив градоначалникот го пречекаа на авлијата кај Домот топлејќи се на ноемврискиот сончев припек.

Во Ново Село водовод има уште од 1973 година, но цели 40 години врз него не е направена никаква интервенција, се пожалија Новоселци. Пумпата повеќе од 10 години била во дефект, а меѓувреме, како што рекоа тие, веројатно настанале и други дефекти и оштетувања како во мрежата, така и во електричните инсталации. Градоначалникот Блажевски им вети дека многу скоро, стручна екипа на „Комуналец“ ќе го „сними“ водоводот, ќе ги констатира и пресмета дефектите, а потоа ќе се преземат соодветни активности за повторно ставање во функција на селскиот водовод. При посетата на Ново Село, градоначалникот Блажевски ги посети двете најголеми сточарски фарми на Борис Христовски и Никола Трајковски, ги слушна нивните пожалби и проблеми, но и задоволството од бенефитот од активните мерки на владата за сибвенционирање на сточарското производство.

На средселото во Ракитница, местото каде што се наоѓа вечното почивалиште на познатиот крушевски војвода Веле Марков, градоначалникот и претседателот на советот го сретнаа Коста, домицилен ракитничанец кој долги години студирал и живеел во Скопје, но како еден од илјадниците жртви на транзицијата, последниве десетина и повеќе години живее во неговата трошна, но родна куќа. Вели дека ја чека првата пензија и се пожали на немањето на улично осветление во неговото маало.
Посетата на Растојца започна со обиколка на селото по селските калдрмирани улици – редок симбол на урбано живеење насело. Ваков своевиден градежен феномен може да се забележи само уште во подлубенското Радово. Шестемина постојани жители, кои, како што ни рече еден од нив, 88 годишниот Боге Андревски, се старци на возраст од 70 до 80 години. Нив не им требаат ниту нови водоводи, ниту асфалтирани улици, рече разговорливиот дедо Боге кој што 22 години работел во „Жито Битола“, се пензионирал, и оттогаш си е повторно во родното Растојца:

– Дивите свињи ќе не изедат а, големи чопори од лисици и мечки слободно се шетаат низ селово. Ако не беа ловџиите, досега и нас ќе не немаше! – во шега раскажуваше Богоја потсетувајќи ги гостите намерници дека некогаш селото имало над 350 жители, во секоја куќа по 5 – 6 „чупи“.
Сличната приказна за дивината нѝ ја раскажа и тајфата од искусни ловџии од Демир Хисар и Крушево кои под тремот на задружниот дом во Растојца го печеа неподелениот дел од уловот.
Посетата на Кочишта, село коешто е, исто така, со слична судбина како соседните и повеќето села од горноселијата, дванаесетчлениот општински раководен тим ја искористи за неколку поединечни средби со Кочиштани.

Exit mobile version