Чуден облак над Кичево. Што се случува со ТЕЦ Осломеј? (ФОТО+ВИДЕО)

Од утрово Кичево е прекриено со облак кој доаѓа од ТЕЦ Осломеј што предизвика страв и несигурност кај граѓаните. Жителите се жалат дека целиот воздух бил загаден, едвај се дишело, а кај повеќемина се јавиле истите симптоми – печење во грлото. Тие се загрижени и наведуваат дека не работи филтерот, со што е затруен воздухот уште од синоќа.

Од АД ЕЛЕМ денеска соопштија дека веќе е отстранет дефектот во системот за водно отпепелување, кој настанал синоќа во термоелектраната „Осломеј“, поради што дошло до исфрлање пепел во атмосферата.

„Станува збор за механички дефект, заглавен резервоар за хидросмеса, кој е веќе отстранет. Стручните екипи на електраната работат на повторно вклучување на електростатскиот филтер на оџакот на ТЕ ‘Осломеј’ и во секој момент се очекува да продолжи водното отпепелување во согласност со еколошките стандарди“, наведуваат од АД ЕЛЕМ.

Интересно, на страната на Министерството за животна средина и просторно планирање каде се мери квалитетот на воздухот во македонските градови, во моментов нема податоци за квалитетот на воздухот во Кичево, додека сите останати станици во другите градови работат. 

 

Повеќе од фотографиите: