Се отвораат 250 нови работни места

На пролет ќе почне со работа рудникот „Стогово“

Исполнети се сите предуслови за почеток на работата во овој рудник и се очекува во првата половина на февруари најдобриот понудувач на тендерот, акционерското друштво „Тајмиште“ од Кичево, да ги уплати понудените 780.000 евра и да го потпише концесискиот договор во траење од 30 години.

Со скорашното отворање на рудникот за манган „Стогово“ се очекува барем делумно да се намали невработеноста во кичевскиот регион. Исполнети се сите предуслови за почеток на работата во овој рудник и се очекува во првата половина на февруари најдобриот понудувач на тендерот, акционерското друштво „Тајмиште“ од Кичево, да ги уплати понудените 780.000 евра и да го потпише концесискиот договор во траење од 30 години.

Во кичевската компанија се вршат засилени подготовки за отворање на новиот рудник за манган.
– Деновиве во повеќе наврати го посетивме локалитетот во близината на селото Врбјани, каде што наскоро треба да биде отворен новиот рудник за манган. Ние како компанија со долгогодишно искуство во експлоатација на руди располагаме со комплетна рударска опрема, така што подготвени сме за 3-4 месеци или до средината на пролетта да почнеме со експлоатација на руда во новиот рудник. Моментално сме во потрага по странска компанија со која би можеле полесно и побрзо да најдеме пласман за нашата руда, која моментално е доста барана на светскиот пазар. Постои интерес од повеќе странски компании, но како фаворит за кооперантски однос се наметнува американско-канадска компанија со долгогодишно искуство во областа на рударството – вели Владо Толески, првиот човек на „Тајмиште“.

Тој вели дека, според првичната процена, во новиот рудник ќе се вработат околу 250 лица од разни профили.

– Ако конјунктурата на светскиот пазар за оваа руда биде добра, тогаш новиот рудник во голема мера ќе помогне да се намали невработеноста во градот и конечно Кичево да се оттргне од економската летаргија – вели Толески.

Покрај подготовките за отворање на рудникот „Стогово“, во компанијата настојуваат да обезбедат и фирма што ќе врши збогатување на концентратот на рудата во новоотворениот рудник.

– Од досегашните истражувања што ги вршевме и пред дваесетина години и денес, потврдено е дека концентратот од Стогово е со содржина на манганова руда од 24-25 отсто. За да биде конкурентна на светскиот пазар, потребно е рудата да биде со повисока концентрација на манган, а тоа значи процентот барем двојно да се зголеми и да изнесува минимум 50 отсто. Од искуство знаеме дека во нашето блиско опкружување нема компанија што се занимава со оваа дејност и поседува технологија што може да врши облагородување на рудата, затоа ќе мораме да стапиме во контакт со компании од поразвиените европски земји, каде што рударството е високоразвиена гранка – вели Толески.

Тој вели дека цената на силикоманганот на светскиот пазар е повеќе од задоволителна.

– Но се работи за цена што зависи од квалитетот на рудата и од степенот на облагородување и може да се движи од 300 до над 2.000 евра за еден тон. Затоа не може да стане збор за фиксна цена, туку за цена што ја одредуваат понудата и побарувачката на светскиот пазар и која знае често да галопира надолу или нагоре – вели Толески.

Иако АД „Тајмиште“ имаше и понуда за рудникот за железо „Тајмиште“, тендерот беше поништен од Министерството за економија, бидејќи на јавниот повик се одзвала само компанијата од Кичево, што не било во согласност со тендерските правила и било потребно барем уште една компанија да се вклучи во јавниот повик.

Зоран Антоски

Извор: Нова Македонија