Денеска е Св. Алимпиј Столпник

S. Alimpij Stolpnik

Се прославил со трпение, пост и чуда. Роден е во Адрианопол во шестиот век, од благочестиви родители. Уште пред да се роди, мајка му имала видение дека нејзината рожба ќе се прослави. На сон видела дека држи јагне на чии рогови гореле две запалени свеќи. Кога останала вдовица своето дете му го доверила на воспитување на епископот Теодор, кој го вовел во верата и го учел на Светот писмо. Одушевен од неговото знаење епископот го произвел во ѓакон, но младиот Алимпиј повеќе го сакал пустинскиот живот. Поради тоа откако добил согласност од мајка му имотот го раздал на сиромасите, го напуштил градот и се населил во пустина во една гробница од која сите бегале. Му се јавил ангел и го охрабрило да живее во тоа место. Над гробницата имало столб од камен со идол на него. Алимпиј идолот го заменил со крст. Посакал да оствари подвиг живеејќи на столб. Така на столбот се искачил кога имал триесет и две години и тука минал 53 години без да слезе од него. Тука ги преживеал сите болести, но и елементарни непогоди. Последните 14 години ги минал во лежење бидејќи нозете му биле во рани од долгото стоење. Направил многу чуда поради што многу народ доаѓал на тоа порано омразено, а подоцна прославено место. Починал во 640 година на 120 години за време на владеењето на императорот Ираклиј.