Денес е Свети Великомаченик Димитрија Солунски – Митровден

Светиот великомаченик Димитриј Солунски живеел во третиот век и бил син на управителот на Солун. Легендата вели дека солунскиот војвода долго немал пород и по многуте молитви упатрени кон Бога бил даруван со машко дете кое со големо внимание го образувал, го воспитувал и го воведувал во христијанството.

По смртта на татко му, Димитрија бил именуван од страна на царот за градоначалник на Солун, при што бил советуван да биде немилосрден кон христијаните, да ги убива и прогонува секаде каде што ќе ги сретне.Но Димитрија најпрвин тајно, а потоа и јавно ги подучувал христијаните како да се чуваат од лошите пагани и да не се откажуваат од Христа дури и по цена на животот.

За ваквата дејност на Димитрија разбрал и царот Максимијан. Затоа наредил веднаш да биде затворен. Димитрија, знаејќи што го чека целиот свој имот му го оставил на некој пријател по име Луп тој да го раздели на сиромаси.
Во тоа време во Солун имало амфитеатар во кој се изведувале гладијаторски борби. Луѓето се бореле меѓусебно до смрт или во арената биле предавани на крвожедните ѕверови. Особено страдале измачените христијани кои биле убивани од гладијаторите или раскинувани од ѕверовите на очиглед и одобрување од преполниот амфитеатар. Меѓу гладијаторите со својата суровост посебно се истакнувал и на царот му бил мил некој со име Лиј кој ги измачувал христијаните до смрт, а потоа ги убивал или ги ги фрлал на ѕверовите.
Во тоа време во Солун живеел еден храбар човек по име Нестор, кој неможејќи да ги трпи нечовечните постапки на паганите посебно на тиранинот Лиј решил да му излезе на двобој, да го убие или да загине. Тој го посетувал Димитрија во затворот и од него барал дозвола за тоа. Св. Димитриј го благословил велејќи му: „Ќе го победиш Лиј, но ќе пострадаш за Христа”. Нестор го убил гладијаторот, а императорот наредил веднаш да биде исечен, а и Димитрија да биде погубен во затворот Царските војници го убиле Нестора, а кога дошле во затворот кај Димитрија виделе како тој без страв се моли на Бога, а од лицето му зрачела чудна светлина.Плашејќи се да му се доближат војниците го убиле од далечина фрлајќи со копјата. Тоа се случило рано наутро на 8 ноември 306 година. Неговото тело христијаните тајно го погребале во црквата што го носи неговото име во Солун.
За време на животот Димитрија бил војвода на Солун, и негов заштитник. Но и по смртта тој останал заштитник на Солун, зашто ги одбивал непријателите, направил многу чуда, ги исцелувал болните, ги застапувал пред Бога сите што ќе ја побарале неговата помош.
На иконата Свети Димитрија е претставен во војводска облека на коњ и со копје убива човек кој е под копитата на коњот. Тоа е Лиј кој бил убиен од Нестор со благослов на Димитрија.