Распишан тендерот за новата болница во Кичево

Министерството за здравство денеска распиша тендер за реконструкција и адаптација на постојниот здравствен објект во Кичево, започнат во раните деведесетти години од минатиот век, кој треба да прерасне во нова современа општа болница со цел задоволување на потребите на 70.000 жители кои живеат во регионот, соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.

Вкупната вредност на инвестицијата која се проценува на 200 милиони денари треба да започне да се гради во месец март, односно април оваа година, а објектот треба да биде завршен за 16 месеци. Новата болница ќе биде сместена во објект со сутерен, приземје и три ката на квадратура од 7.000 метри квадратни. Тоа ќе биде современ здравствен објект, енергетски ефикасен кој треба да обезбеди многу поголеми стандарди за лекување на пациентите од Кичево и околните места Другово, Зајас, Осломеј, Вранештица и Пласница.

– Очекуваме да има конкуренција и сериозно наддавање бидејќи условите на тендерот се направени така да има конкуренција, потенцира Тодоров.

Како што посочи Тодоров, практично станува збор за изградба на нова болница која ќе вклучува пет одделенија од областа на секундарна здравствена заштита, 10 специјалистичко-консултативни служби и четири одделенија со дневна болница.

Болничката зграда во која моментно се обавува здравствената заштита ниту од далеку не ги задоволува основните критериуми за ваков објект од здравствената дејност. Зградата е изградена пред 80 години, руинирана и дотраена е од сите аспекти и е далеку од тоа да ги задоволува сигурносните и здравствените стандарди.

– Новиот објект е согласно најновите и најсовремените стандарди во здравство, односно стандардите што ги имаме при изградба и реконструкција на сите здравствени објекти. Тоа значи ќе има тоалет во секоја соба, ќе се почитуваат сите правила за спречување на интрахоспитални инфекции, нови современи лифтови, паркинг-простор за сите кои ќе доаѓаат во болницата, и целосно партерно уредување на околината на овој објект, подвлече Тодоров.

Инаку, болницата ќе располага со вкупно 64 болнички постели дополнети со соодветен капацитет на дневните болници. Министерот за здравство подвлече дека во оваа болница во изминатиот период активно е работено и на зајакнување на човечкиот потенцијал, односно на кадарот. Потсети дека во 2012 година биле вработени шест доктори, во 2013 се вработени 20 медицински сестри, а во тек е оглас за вработување на уште два доктора и шест медицински сестри. Ведно, додаде, во изминатиот период девет доктори од кичевската болница се упатени на специјализација во повеќе области.