ФОТО: Трагедија во демирхисарското село Жван

Големи огнени јазици на првиот кат од куќата забележале утрово околу 05:20 соседите на семејството на Цане Ристевски од с. Жван. Целото семејство Ристевски во тоа време сеуште не било пробудено, но не ни „сонувале“, дека на нивниот кат веќе е разбревтан голем оган. Залудни биле сите обиди со прирачен алат и со водоводно црево Ристевци и нивните соседи да го спречат ширењето на пожарот. Во 05:30 побарале помош од професионалната противпожарна единица која за 15 – ина минути веќе била на местото на пожарот. За жал, пожарот бил толку разгорен што, пожарникаите успеале да го локализираат да не се прошири на приземниот кат од семејната куќа на Ристевски.

– Ни изгоре цела покуќнина, намештајот во спалните и детската соба, околу 1000 килограми тутун од ланската и годинашнава берба спремен за предавање, ми изгоре и целата парична заштеда од последниве години, 7 – 8 кубици складирани дрва за претстојната зима, а наредниов период ќе живееме со 500 – 600 евра што случајно сум ги оставил во приземните простории. Ама фала му на Господ, останавме сите здрави и живи, ни изјавни сопственикот Цане Ристевски, невработен, кој заедно со неговата сопруга, вработена во „Сачмарата“, имаат две ќерки со академски дипломи.

Семејството Ристевски денеска го посети градоначалникот Љупчо Блажевски со негови соработници. Општината, во рамките на своите можности ќе излезе во пресрет со конкретна помош во градежен материјал, а ќе се воспостават контакти, со извесна помош да помогнат и останатите јавни претпријатија и установи.