Започна учебната година во Демир Хисар – од дваесет првачиња во градот, половина се од албански мајки

За демирхисарските основци од трите училишта во Демир Хисар, Жван и Смилево и средношколците од  „Крсте П. Мисирков“,успешно започна новата учебна година. Сите училишта без никакви проблеми ги примија учениците, а во Средното, и на првиот училиштен ден се одржа целодневна настава.

Највозбудливо беше во основните училишта при приемот на првачињата. Нивните повозрастни другарчиња, во трите училишта изведоа пригодна културно – уметничка програма на која присуствуваат и нивните родители. На првиот училиштен ден во Демир Хисар присуствуваше градоначалникот Љупчо Блажевски, а во Жван, претседателот на Советот на општината Кире Ристевски кого го придружуваа неколку советници.

Трендот на континуирано намалување на бројот на запишани првачиња продолжи и оваа учебна година. Така, во најголемото и најстаро градско училиште „Гоце Делчев“ годинава  во прво одделение се запишаа само 20 првачиња. Интересен е податокот што ни го соопшти директорот на училиштето Горан Костовски, дека на половината од нив, односно на 10 првачиња нивните мајки имаат албанско потекло. Овој податок, вели градоначалникот Блажевски ни дава голема надеж дека ќе се подобри крајно неповолната демографска сотојба во општината, бидејќи иако со намален интензитетот, се уште е присутен трендот на женење на старите ергени со невести од Албанија.

Во Жванското основно училиште „Браќа Миладиновци“ годинава во прво одделение се запишаа 10 првачиња.

Денеска, претседателот на Советот Кире Ристевски и советникот Јосиф Ристевски, го посетија централното основно училиште „Даме Груев“ во Смилево и подрачното училиште во с. Обедник. Нивното присуство ја намами љубопитноста на 34 – те смилевски и обденички основци бидејќи, како што рекоа, многу се израдувале што дошол некој општински раководител да ги посети. Честитајќи им ја новата учебна година, претседателот Ристевски и советникот Ристевски, на сите ученици им врачија пригодни подароци, а на двете првоодделенчиња, Филип Тодоровски од Смилево и Емир Изети од с. Обедник, им врачија специјални пригодни подароци.

На посетата и се израдуваа и вработените наставници, а колку за утеха за малиот број на првачиња, со посебна радост ни соопштија дека за наредната година веќе се „испланирани“ 8 првачиња, од кои 5 во Смилево и 3 во Обедник.