Потврдено, Кичевчани ќе гласаат за една заедничка граѓанска листа за советници

Управниот суд  попладнево ја уважи тужбата на СДСМ кој се јавува како подносител на Листа за кандидати за избор на советници на Совет на Општина Кичево. Со тоа се потврдува договорот за коалицирање помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Кичево.

Претходно заедничката листа беше одбиена од страна на Општинската изборна комисија во Кичево иако истата беше поднесена прописно и во законскиот рок, а истата беше потврдена од Државната изборна комисија која е претпоставен орган над ОИК. Со одбивањето, ОИК направија преседан бидејќи излегоа од ингеренциите кои ги имаат и не ја почитуваа одлуката на ДИК.

Од извори во ОИК Кичево дознаваме дека минатата вечер била доста жестока. Имено, преставниците на ДУИ кои гласале против поднесената листа ја искористиле својата бројност и извршиле мајоризација, гласајќи со 3:2 против поднесената заедничка листа. Со овој нивен потег се искажува стравот на ДУИ дека нивниот кандидат, Фатмир Дехари, ќе претрпи сигурен пораз во Кичево. Претходно ДУИ и останатите албански партии кои исто така застанаа зад еден кандидат за градоначалник, ги подигнаа на високо ниво очекувањата на нивните гласачи ветувајќи им дека „ќе го освојат Кичево“  и „ќе го направат Кичево албанско“, без притоа да понудат било каква програма на своите гласачи.

Вчера, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ постигнаа договор и поднесоа единствена заедничка листа за советници за советот на општина Кичево. Претходно ВМРО-ДПМНЕ ја повлече листата на советници, запазувајќи ја законската процедура. Со тоа се надминаа сите разлики и околу заедничката поддршка на кандидатурата на сегашниот градоначалник Благоја Деспотоски за уште еден мандат.

Со одлуката на Управен суд заврши дводневната драма околу кандидатските листи за Кичево и со тоа се исцрпуваат сите законски можности за оспорување на заедничката советничка листа за општина Кичево.