Во Кичево, Битола, Ресен и Демир Хисар против сезонски грип досега се вакцинирале 2.250 граѓани

ЈЗУ Центар за јавно здравје-Битола од денот на почетокот на вакцинацијата против сезонски грип, односно во изминатите 14 денови извршиле вакцинирање на 2.250 граѓани, со што е употребен најголемиот дел од вкупно 3.800 обезбедни вакцини за граѓаните од општините Битола, Новаци, Могила, Кичево, Демир Хисар и Ресен.

Од ЈЗУ Центар за јавно здравје Битола, надлежни за овој регион од државата информираат дека доколку има потреба ќе извршат и дополнителна набавка на вакцини против сезонски грип.

– Вакцинацијата се одвива успешно и без забелешки. Во општините Битола, Могила и Новаци од планираните 2.270 вакцини во оваа фаза од акацијата, употребени се 1.370. Во Кичево вакцинирани се 500 лица, а набавивме 700 вакцини, во Демир Хисар од доставени 230 употребени се 130 вакцини, додека во општина Ресен од планираните 600 досега се искористени 250 вакцини против сезонски грип, изјави Тони Коњановски, специјалист епидемиолог во Центарот за јавно здравје-Битола.

Вакцината, посочи тој, е од реномираниот производител Глаксо Смит Клајн од Дрезден, ги поседува сите потребни сертификати, стручни оценки на квалитет, како и одобрение за пуштање во промет од Бирото за лекови на Република Македонија, и е со унифицирана цена од 400 денари на целата територија на државата.

– ЈЗУ Центар за јавно здравје-Битола во овој период врши и набавка на антивирусниот лек „Тамифлу“ кој ќе биде дистрибуиран до депото за лекови на здравствените домови во Битола, Ресен, Демир Хисар и Кичево. Издавањето на лекот се врши согласно процедура и не е во слободна продажба. Минатата година беа употребени околу 500 пакувања од антивирусниот лек „Тамифлу“, додаде Коњановски.