Денес е Велики Петок

На Велики Петок Црквата ги споменува смртта и погребението на Господ Исус Христос и Неговото слегување во адот. Ова е стожерна точка во Страдалната седмица, тогаш Богочовекот Кој невино пострада за спасението на човечкиот род ја стекна благодатта на искупувањето од прародителскиот грев, со што се обезвласти владеењето на смртта и на пеколот (демоните) над природата на човекот. (Попросто кажано, оттогаш луѓето живеејќи богоугодно, очистувајќи ги своите срца од страстите, повторно можат да стануваат слободни личности и како такви наследници на рајот.)

За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време.

На Велики Петок тајниот Христов ученик Јосиф од Ариматеја го измоли од Пилат мртвото тело на невино распнатиот Господ Исус, а јудејскиот кнез Никодим којшто и самиот тајно Го следеше Христовото Божествено учење, со смеса од смирна и алој Му го подготви телото за погребение.

Погребот е извршен во петок пред Пасха, во свеж гроб во близината на Голгота (сопственост на Јосиф од Ариматеја). Присутствувале само неколку луѓе. Долгата традиција на споменувањето на овој ден го исполнила со вонредни богослужбени дејства (ги изобразуваат настаните што се случија на Велики Петок: ова започнува со утрената, којашто како бдение се служи уште вечерта во Четвртокот, во која се објавува евангелската историја за страдањата и смртта на Господ Исус Христос во дванаесет евангелија).

Со оглед дека на Велики Петок Богочовекот Исус Христос Му се принесе Себеси како благодарствена и искупителна жртва на Бога Отецот во име на севкупната човечка природа (човечкиот род), во Црквата не се служи Светата Евхаристија, освен можеби литургијата на претходно осветени дарови.

Во аскетската книжевност, Светите отци особено се задржуваат на карактерот на молитвата на Господ во Гетсиманската градина произнесена на Велики петок, и ја покажуваат како извор, вдахновение и пример на она вонредно животворно ’сеќавање на смртта’ што е преисполнето со безостатната предаденост на Синот кон волјата на Бога Отецот.

Пролог-Велики Петок, Македонска Православна Црква

 Обичаи и верувања за Велики петок

Велики петок освен  Велипеток уште се вика и Распет петок зашто на овој ден е распнат Исус Христос. Поради тоа овој ден се смета за најтежок празник во годината, тогаш не се работи дури и не се готви храна.

Се вели дека на овој ден не треба да се јаде, а камоли да се работи. Како на строг пост, како што се вика „пост на вода“ тој ден во црквата луѓето се честат со леб, пипер, и сол. Некои луѓе јадат стоејќи, а други ништо не јадат цел ден сочувствувајќи со распнатиот Исус. Тогаш се оди во црквата каде што оставаат дарови на Распетието Христово, а цвеќето на „плаштеникот-оплакувњето Христово“. Секој што тука остава цвеќе зема друго и го носи дома за здравје.

На Велики петок во црквите се изведува и обредот симболично погребување на Исус Христос. Тоа се прави на тој начин што платното наречено „Плаштеница“ се положува врз посебно подготвен симбол на Христовиот гроб. Поминувајќи под Плаштеницата верниците сочувствуваат со распнатиот Исус. Исто така, се поставува и “„Распетието Христово“ (крстот на кој е насликан распнатиот Исус) пред кое верниците се  поклонуваат и Исуса го бакнуваат во раните на нозете.

Марко Китевски за МИА

Exit mobile version