Владата вработува, Дехари и Бејта етнички отпуштаат

Повеќе десетици граѓани од Кичево вчера протестираа пред општината бидејќи без оправдана причина останале без животна егзистенција. Единствената „грешка“ поради која се отпуштени од работа е тоа што се Македонци.

Само што седнаа во фотелја, некои новоизбрани градоначалници веднаш се зафатија со „силни“ реформи, и тоа реформи што ниту беа најавени ниту споменати во нивните програми за локалните избори. Што е толку важно што мора итно да се спроведе, а притоа никаде не е споменато како приоритет?
Ако судиме по постапките на првите луѓе во Кичево и во Гостивар, се чини дека за нив најважно било да ја исчистат општинската администрација од вишокот вработени, кои, види чудо, по игра на случајот, или се од друга националност или се со друга политичка определба. Притоа ниту еден од градоначалниците кога ги бараа гласовите од граѓаните не навести етничко или партиско чистење на администрацијата, туку, напротив, ветуваа дека ќе бидат градоначалници за сите еднакво.

Во меѓувреме, веднаш по изборите, Владата почна нова кампања за зголемување на вработеноста со нови мерки за различни категории граѓани. Целта е да се овозможи нивно полесно вработување во стопанството, но исто така и во администрацијата. И тука доаѓаме до еден голем парадокс. Додека централната власт од петни жили се труди да ја намали невработеноста, некои од локалните моќници преку бранот отпуштања ја зголемуваат. Вчера пред општината во Кичево протестираа отпуштените работници од ППБ-Кичево, детската градинка „Олга Мицеска“,центарот за култура „Кочо Рацин“ и од ЕЛС-Кичево, бидејќи, како што велат, без оправдана причина останале без животна егзистенција. Изгледа единствената „грешка“ поради која се отпуштени е тоа што се Македонци. Според најавите, во текот на оваа недела најмалку уште 20 лица треба да бидат отстранети од општинската зграда во други периферни простории. Се говори за слични резови и од јавните претпријатија во надлежност на општината Кичево и отпуштање на дополнителни над 70 луѓе. Прераспределбите и отказите притоа се делат без некаков ред, ниту пак е донесена некаква систематизација на работните места. Во вакви околности логично се наметнува прашањето дали единствениот критериум е етничката (политичка) припадност.

Слични бранувања деновиве има и во Гостивар. Таму во јавното претпријатие „Комуналец“ новиот директор нареди да им се прекине работниот однос на 163 вработени со договор на дело, без правна основа.

Притоа поголем број од овие вработувања биле со јавен оглас на Владата за социјални вработувања, а дел за да се зајакне професионалниот капацитет за спроведување на банкарскиот кредит од 1,2 милион евра.

Градоначалникот на Гостивар, Невзат Бејта, ги отфрла обвинувањата за партиски отпуштања, тврдејќи дека вработувањата биле преку проект што завршил во март и нормално било да им престане работниот однос. Тој уште тврди дека „Комуналец“ нема пари да се исплаќаат плати, а претходниот градоначалник си вработувал свои гласачи во предизборната кампања. Која и да е вистината, со ваквата политика на етничко- политичка метла и демонстрација на моќ новите градоначалници не придонесуваат за јакнење на соживотот, туку, напротив, само ги продлабочуваат јазот и поделеноста кај граѓаните, без разлика дали се отпуштаат само Македонци (во Кичево) или Македонци и Албанци (во Гостивар).

За ова реагираа и претставниците на ОБСЕ во Македонија, за кои отпуштањата по етничка линија се нешто што е најмалку препорачливо во овој момент.

Од друга страна, ако веќе сакаме да бидеме искрени докрај, ајде да продискутираме и за политиката на етнички вработувања според рамковниот договор. Кога пред некоја година рецесијата го затресе светот (и сѐ уште го тресе), првото нешто кон што посегнаа сите држави во светот беше отпуштање службеници од администрацијата. Милиони луѓе останаа без работа. Конкретно, Хрватска најави отпуштање на 10.000 вработени, откако претходно тоа го направија и Србија и Словенија.

Единствено во Македонија не беше отпуштен ниту еден службеник, туку, напротив, беа вработени уште илјадници Албанци според рамковниот договор. Тој тренд продолжува и денес, иако уште во 2011 година во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија беше посочено дека бројот на административци вработени според Охридскиот договор веќе изнесува 30 отсто, што е дури 5 отсто повеќе од законски пропишаните 25 проценти. Поради пренатрупаноста и немање каде да се сместат добар дел од овие луѓе, тие со месеци земаа плата без воопшто и да одат на работа.

И покрај тоа, никој од нив не е избркан од работа. Општинарите од Кичево и од Гостивар, пак, што деновиве се истерани од работа чесно и макотрпно си ја заработуваа својата плата. Некои од нив имале и важечки договори за работа, што сепак не им помогнало да не добијат шут-карта. Оттаму, се чини дека крајно време е за професионализација и целосна деполитизација на администрацијата. Ваквата реформа се најавува веќе подолго време, но никако да се спроведе во практика.

Сѐ додека не се случи тоа, ќе има отпуштања со смената на секоја власт
(било локална или централна), вработувања за квантитет, а не и за квалитет и поимање на партиите како бироа за вработување наместо како креатори на развојот во државата.

Автор: Александар Димковски

Извор: Нова Македонија

Exit mobile version