Влатко Лозаноски и Есма ќе настапат со песната „Опсесија“
Евровизиската песна на Есма и Влатко Лозановски е избрана. Композицијата со наслов „Опсесија“ која премиерно ќе биде изведена на 27 февруари на МРТ е во етно поп стил.
Автор на песната која ќе не претставува во Малме, Шведска е синот на Есма, Симеон Атанасов, а текстот го напиша Борче Нечовски.
Информацијата за избор на песната со која ќе се натпреваруваме на изборот за Песна на Евровизија 2013 што ќе се одржи од 14 до 16 мај, се уште официјално не е потврдена.
-Неофицијално, нашите претставници Влатко Лозаноски- Лозано и Есма Реџепова- Теодосиевска веќе се подготвуваат за нејзино што поуспешно изведување и претставување пред пошироката јавност. Песната, која е во етно поп стил, моментално се доработува, а наскоро ќе ја имаме и финалната верзија што премиерно ќе ја слушнеме во специјалната емисија на МТВ, закажана за 27 февруари. Во нејзини рамки ќе настапат нашите евровизиски претставници кои во придружба на „Биг бенд“ и Народниот оркестар на МРТВ ќе изведат дел од своите композиции во живо. Шлаг на вечерта, секако, ќе биде премиерно претставување на евровизиската песна со работен наслов „Опсесија“, пишува Утрински.
Песната најверојатно ќе биде снимена и на англиски јазик, поради подобра промоција во светот и лобирање на гласови, а Есма и Лозано во Шведска ќе настапат на македонски јазик.