Дали Илинденското востание започна во Кичево? Востаничките дејствија на Илинден 1903 во Кичево и кичевско [3]

Неколку дена по Објавата на Главниот востанички штаб, началникот на воениот штаб во Кичево, Лука Ѓеров, точно една недела пред денот определен за кревање на востанието, на една полјана во подножјето на манастирот “Света Богородица – Пречиста”, одржал последно советување со раководителите на кичевските подреони. На оваа средба присуствувале: началникот Лука Ѓеров, војводата Арсо и Наќе со нивните секретари, Димитар Спространски и Климент Групчев и двајцата од Охрид, додека војводата Ванчо Србакот од Вранештица, како војвода за Рабетинска река и Поречието не присуствувал на оваа средба, бидејќи преминувањето на реката “Велика” било отежнато поради поставените турски заседи.

Манастирот Света Богородица Пречиста крај Кичево. Освен што бил духовно врело, манастирот и свештенството биле дом и заштитници на кичевските револуционери.
Дедо Козма Пречистански (лево) од Орланци, народен свештеник. Игра значајна улога во будењето на населението. Внук на Аџи Теофил, игуменот кој го возобновил манастирот Пречиста по неговото палење во 1848 година. Ѓакон Јосиф родум од Крушево (десно). „На ѓакончето Јосиф населението гледаше како на светец и многу му веруваше. Тој агитираше од амвонот, се врз основа на евангелието.“ – зборува неговиот современик Лука Ѓеров

На таа средба било договорено да се изврши силен напад на градот Кичево, токму на полноќ на 20 јули по стар стил или на 2 август по нов стил и тоа војводите, Арсо и Наќе со своите чети да нападнат од западната страна, претежно со востаниците од Бржданска река, како и селата околу градот, а додека Ванчо да нападне од североисточната страна на градот со востаниците од Рабетинска река.

Нападот на Кичево, 1 часот по полноќ, 2 август (20 јули ст.стил) 1903 година

Како што било договорено во целост планот бил реализиран. Војводите Лука Ѓеров, Арсо, Наќе и Ванчо, со околу 500 востаници точно на Илинден на полноќ, кога градскиот часовник ги отчукал дванаесетте удари, извршиле напад од сите страни на турските чадори што биле распослани во месноста “Јурија”. Во овај напад востаниците имале успех. Меѓу турското илаве се создала паника и се упатиле кон калето во центарот на градот каде била сместена редовната турска војска и штабот, од каде одговориле со силен оган. Во овие борби востаниците се повлекле без загуби, додека илавето имале загуби од 18 мртви.

Населбата Подварош, над неа остатоци од тврдината Китино Кале. Населбата била средиште на револуционерните активности во Кичево. Во неа била и митрополијата.

(Од спомените на Лука Ѓеров) На 13 јули вечерта, беше недела, случајно бев во манастирот Пречиста, кај што го добив писмото од Штабот, со кое се известуваше за востанието. Веднаш пратив абер до поречкиот војвода Ванчо Србаков да дојде. На 18 јули се собравме ние двајца, Наке, Арсо и секретарите и одлучивме: да направиме една демонстрација пред Кичево, а од Ванчо се бараше да ја нападне војската во ижишкиот ан (до селото Ижишта), како и војската која беше во „Текија” (Текето кичевско). Но тоа не го направија, Ижишта не го нападнаа. Ние требаше да го нападнеме аскерот во кулата и во анот во месноста Извор, за да се разбие таму војската. Пред тоа требаше да го нападнеме Кичево, а половината востаницн да го опколат аскерот во анот и да ги чуваат опколени додека не се вратиме ние од градот. Во исто време му се нареди на Арсо војвода да им соопшти на селските војводи, дека востанието ќе се дигне в недела вечерта. Војводите на селаните да им кажат во неделата, по ручекот. Јас на 19 отидов во Душегубица, ги собрав селските војводи.

Тука се направи планот: селата Душегубица, Ехловец, Иванчица, Попоец, Кленоец и Малкоец да ја опколат војската во Извор в зори, на 21 јули. Јас Кичево требаше да го нападнам од две страни со четите од другите села од кичевскиот реон: Лафчани, Јаорец, Добревоец, Кнежино, Осој, Раштане, Подвис, Пополжани, Видрани, Брждани, Јудово, Свиништа, Козица, Белица, Кладник и Карбуница. Од третата страна требаше да нападне Ванчо Србаков. Селото Вранештица се определи да внимава на преминот на Турла. На 20 вечерта, Арсо со дел од тие села и јас со другиот стасавме на договореното место пред Кичево. Тоа беше 5 часот по турски, односно околу 1 часот по полноќ. Ние фативме позиција без да не забележат. Бевме околу 500 души – јас и Арсо со по 200, Србаков со 100 души. Во градот имаше еден табор (околу 600 души) иљаве, тие беа во шатори блиску до градот, во местото Јурија, до реката Велика и имаше уште еден табор низами аскер, среде град, на калето, во шатори. Уште при првите истрели иљавето ги напушти шаторите и избегаа в град, без да отворат оган. Оние од калето отворија оган, но многу слаб. Јас мислев да влезам во градот, но имаше недоразбирање и по 20 минути пукање се вративме вазад, без жртви. Од иљавето во шаторите беа отепани 18 души, а на калето двајца. Владиката гледаше од прозорецот на митрополијата, и игуменот беше со него. Се повлековме на договорените места: Арсо во Карбуница, јас во Извор.

По овој напад било договорено,

Војводите Наќе (Јанаки) Јанев од Лавчани (лево) и Арсо Мицков од Подвис (десно), долгогодишни другари и борци

војводата Арсо со околу 200 востаници да се повлече кон селото Вранештица и

Војводата Ванчо Србаков од Вранештица. Учествувал во многу битки во кичевско. Загинал заедно со Христо Узунов.

Карбуница, додека војводите Лука Ѓеров со Наќе војвода да заминат и да ја нападнат турската постава, кулата и анот во селото Извор. Во овој напад требало да земат учество селските чети од селата: Добреноец, Лавчани, Јаорец како и од Осој, Раштани и Кнежино, а од другата страна да нападнат селските чети од селата: Иванчишта, Ехлоец, Малкоец, Кленоец и Душогубица. Според кажувања сочувани меѓу селаните во селото Ехлоец, првите вооружени борби започнале токму во селото Ехлоец, кога комитите Божин и Мисајле го убиле спахијата Тефик со заптиите. Во овие борби кои започнале уште на 1 август била активирана селската чета на Дељо од селото Ехлоец, а потоа сите нападнале на турската кула во селото Извор. Според договорот меѓу војводите, Ванчо Србакот, по нападот на градот требало со својата чета да нападне на анот во село Ижиште, но по се изгледа дека војводата Ванчо не нападнал, но со своите комити се упатил кон Брод, при што го нападнал теќето. Селската чета од селото Вранештица била оставена да го чува селото, како и преминот Турла, каде минувал патот покрај селото Слп, населено со турско население.

Лука Ѓеров, организаторот на револуционерното движење во кичевско. Учествувал во нападот на Кичево на 1-ви спрема 2-ри август 1903

Турската војска по нападот во градот ги средила своите редови и взори на трети август 1903 година со големо засилување се упатиле кон селата Староец и Карбуница. Селските чети од Вранештица, Кладник, Белица, предводени од војводата Арсо се спротивставиле и ги натерале војските на повлекување кон кичевското поле. Носејќи го развиорено реонското знаме војводата Арсо, минувајќи низ селото Староец, населено со турско население, полесно бил ранет во ногата, застанал ги превил раните и ја продолжил борбата. Велат, Арсо бил човек со тврдо срце. Во овие борби загинале две жени, двајца востаници и еден старец. Жените храбро се бореле, носеле стомни вода, храна, муниција и ги прифаќале ранетите. За кратко била запрена силната офанзива во подножјето на селото Карбуница. Арсо иако добил засилување од селските чети од Бржданска река, тој знаел, бил во очекување на нова офанзива на аскерот, која се случила следниот ден на 4 август 1903 година.

По нападот на градот војводата Лука Геров, заедно со Наќе војвода се упатиле кон селото Извор. Нападот на турската кула и турската војничка посада го планирале замениците на четите Климент Групчев и постариот четник Стефан и селскиот војвода Јоше Анџијата. Тука биле и Милан Билбилов и Владимир Велјанов од Попоец, Велјан Скакарот и Павле Павлески од Иванчишта.

“Взори пристигнавме во село Лавчани, забележал во своите спомени Лука Геров,”

Војводата Петар Радев, познат како Пешо Пашата. Бугарин кој долго време предводел чета во кичевско.

седнавме да се одмориме, но селото беше празно. По некој старец ќе се појавеше како седи на својот праг од куќата. Жените и децата преплашени од силната пукотница на аскерот во Подвис, се упатиле високо во збег во планината Два Камна. Кога се наближивме до селото Извор, турската потера отвори на нас силен оган и бевме принудени да ја прифатиме борбата, со цел да не дозволиме да се спојат со војската од Извор, но поради силата на оружјето, се повлековме, а потоа се упативме во селото Извор. Сепак турската војска успеала прва да пристигне во Извор и овозможиле коридор за повлекување.  Лука  Геров  со  своето   пристигнување,  дал  сигнал  дека  е  во непосредна близина, со што востаниците од Копачијата имале успех во нападот на кулата во селото. Во оваа неколкучасовна, но крвава борба востаниците имале загуби од 8 убиени и 6 ранети борци. Тука смртно бил погоден Велјан Скакарот од село Иванчишта, а додека Павле Павлески бил заробен и со тешки маки бил убиен. Во борбата бил ранет Владимир Велјанов од село Попоец. Кулата и анот беа заприлегале на касапница, а по разрушувањето ги запаливме, забележал Лука Ѓеров во своите спомени. По овие борби турската воена посада се повлекла во Кичево, оставајќи го овај реон така речено слободен цели 25 дена. Единствено Копачијата била вознемирена со нападот на башибозучката чета на Таир Тоља, кој на 6 август 1903 година враќајќи се со запленетата стока од селата во Дебарца, поминал низ селото Иванчишта, ги запалил куќите се до бунарот. Оваа башибозучка чета во близина на превојот Јама на пат за Дебар, била пристасана од селската чета на Иванчани, а како раскажуваше стариот комита Билбил Митрески, по кусата престрелка во Јама успеале да си ја вратат запленетата стока, кози, овци и волови, која стока. после неколку денови доаѓале селани од Дебарца да си го приберат запленетото стадо. По овај пораз на турскиот аскер во селото Извор, скоро два месеца не зачекориле во Горна Копачија. Започнал нов живот на слободната територија.

Војводата Кочо Матески (Кочо Куршумот) од Крушица (во средина), заштитник на населението од Рабетинско

По нападот на Кичево, војводата Ванчо Србакот од кој причини не нападнал на анот во село Ижиште, кој напад бил предвиден со планот меѓу војводите, но со својата дружина се упатил кон Македонски Брод и на 3 август го нападнал теќето Хад’р-баба, позната како текија. Турскиот аскер разбеснат од овие неуспеси следниот ден со големо засилување нападнале на селото Рабетино, во месноста Разбоиште. Во овај судир војводата Ванчо, заедно со селскиот војвода Кочо Матески-Куршумот успеале да ги истераат турските башибозуци и за прв пат ја прогласиле слободата во селата од Рабетинска река. Радоста траела само кусо време. На 9 август, турскиот гарнизон од селото Ижиште извршил силен напад на селата во Рабетинска река.

Месност „Подуач“ крај село Речани (Рабетинско). На 9-ти август тука се одиграла една од поголемите битки во кичевско за време на Илинденското востание во која востаниците претрпеле катастрофален пораз по што селата во рабетинско биле ограбени и запалени од турската војска и башибозук

До одлучна битка дошло кај селото Речани, во месноста “Подуач”. Во оваа битка востаниците биле страотно поразени и претрпеле големи загуби од над 80 мртви. До темел биле опожарени селата Речани, Светораче, Рабетино, Козичино и Дупјани, во Орланци го запалиле селото Папас-маало, а во судирот загинале 7 орланчани. Во реонот на Рабетинска рска бил регистриран уште еден силен напад познат како Патеечки судир. Во овој судир не учествувал војводата Ванчо Србакот, но востаниците ги предводел подвојводата Ристе од село Велмевци кој и загинал во оваа битка. Храбро се борел војводата Мицко од селото Латово, како и Пешо наречен паша, војвода од Бугарија. Пред самиот напад кај Патеец дошол Јане Митров и членот на реонското раководство Цветан Апостолов-Киже, кои ја донеле веста дека од Кичево доаѓале нови 10 табори-војска  како помош. И во оваа битка востаниците наизменично имале успех, но претрпеле тешки загуби.

Текст: Душан Ристоски

Цитат: Спомени од Лука Ѓеров

Илустрација: Љупчо Зорески

<<<Претходно: СМИЛЕВСКИОТ КОНГРЕС И ПОЧЕТОКОТ НА ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ [2]

>>>Следно: БИТКАТА КАЈ МЕСНОСТА “ЃУРЃЕЈЦА” НА 4 АВГУСТ – 1903 ГОДИНА [4]

Exit mobile version