ВРЕМЕПЛОВ: 17 септември

1580.- Роден е шпанскиот писател Франциско Гомес де Кеведо и Виљегас, сатиричар кој заради „зајадливиот јазик и отровното перо“ повремено беше повластен во дворецот, а повремено прогонуван и затворан.

1685.- Лондон го зафати голема епидемија на чума од која умреа околу 70.000 луѓе.

1787.- Делегатите на 12 од тогашните 13 држави во САД го потпишаа Уставот кој со дополнителни амандмани се уште е најстариот важечки устав во светот.

1796.- Првиот претседател на САД Џорџ Вашингтон, шеф на државата од 1789 година, на американскиот народ му упати „Проштална беседа“, одбивајќи третпат да се кандидира за претседател.

1809.- Заврши Шведско-руската војна со која Русија ја освои Финска.

1826.- Роден е германскиот математичар Георг Фридрих Бернхард Риман, кој ги даде новите насоки во развојот на математиката и нејзините примени во физиката и механиката.

1857.- Роден е рускиот физичар Константин Едуардович Циолковски, татко на астронаутиката. Уште во 1883 година ги изложи идеите за користење на реактивниот погон кај ракетите, а во 1903 година го објави првото класично дело за теоријата на астронаутика. Советската академија на науките ја востанови наградата „Златна медалја Циолковски“ за исклучителен придонес во астронаутиката и во истражувањето на вселената. Умре на 19 септември 1935 година.

1863.- Умре Алфред де Вињи, голем писател на француската ренесанса. Познати му се делата „Мојсие“, „Елоа“, „Четертон“ и други. Роден е на 27 март 1797 година.

1890.- Во Закојци, кај Церкна, е роден Франце Бевк, словенечки писател и борец за национални и социјални права на словенечкиот народ под Италија. Најпознати негови дела се „Капетан Мартин Чедермац“, „Човек против човека“, „Црни браќа и сестри“ и други. Умре во Љубљана, на 17 септември 1970 година.

1900.- Британската кралица Викторија I го потпиша документот со кој Австралија влезе во Комонвелтот како федерална унија на шест бивши британски колонии.

1905.- Во Задар е роден Владан Десница, хрватски писател, преведувач и есеист. Од делата познати му се „Змиско летување“, „Пролетта на Иван Галеб“, „Тука веднаш пред нас“ и други. Умре на 4 март 1967 година.

1908.- Роден е рускиот виолинист и диригент Давид Фјодорович Ојстрах, еден од најголемите мајстори на виолина во 20. век. Завршил конзерваториум во родниот град Одеса, а се прославил во 1935 година со наградата на меѓународниот натпревар по виолина во Варшава и во 1937 година со наградата „Исај“ во Брисел. Беше професор на Московскиот конзерваториум и со голем успех настапуваше во целиот свет.

1918.- По тридневна офанзива, Првата и Втората српска армија го пробија Солунскиот фронт со што беа скршени централните сили во Првата светска војна. Четириесет дена по офанзивата капитулира Австро-Унгарија, а набрзо и Германија.

1918.- Роден е израелскиот државник Хаим Херцог. Беше претседател на Израел од 1983 до 1993 година. Пред тоа, беше командант на јужната армиска област и прв воен гувернер на Западниот Брег кој беше окупиран во 1967 година, а од 1975 до 1978 година израелски амбасадор во Обединетите нации.

1939.- Советските единици врз основа на договорот Рибентроп-Молотов ја нападнаа Полска и ги зазедоа источните делови. Во нападот беа заробени 180.000 војници и околу 9.000 офицери, а потоа почна ликвидирањето на заробените Полјаци.

1943.- Во селото Подвис, Кичевско, почна да работи првото училиште на македонски јазик.

1944.- Почна најголемиот воздушен десант во Втората светска војна. Со него требаше да се воспостави мостобран на реката Рајна и да им се овозможи продор на сојузниците северно од Рур. Планот беше откриен од Германците па така тие успеаја да ги разбијат Британците кај холандскиот град Архнем. Сојузниците ја преминаа Рајна дури по пет месеци.

1944.- Во селото Митрашинци, Беровско, се формирани Тринаесеттата и Четиринаесеттата македонска бигада и Педесеттата дивизија на НОВ и ПОЈ.

1948.- Во близината на Ерусалим е убиен шведскиот гроф Фолке Бернадот, посредник на Обединетите нации во конфликтот меѓу Израел и Арапите.

1949.- Во пожарот на „Нороник“,  најголемиот параброд на Големите Езера, кај Торонто,  загинаа повеќе од 130 лица.

1957.- Умре Крешимир Барановиќ, хрватски композитор, диригент и музички педагог. Автор е на првиот хрватски балет „Лицитарско срце“. Други негови дела се операта „Невестата од Цариград“, композиции за оркестри, песни, театарска музика и друго. Роден е на 25 јули 1894 година.

1961.- Со основано сомнение дека е жртва на атентат, во авионска несреќа во близина на Ндола во северниот дел на Родезија загина Даг Хамаршелд, генерален секретар на ООН.

1961.- Обесен е бившиот турски премиер Аднан Мендерес, кој во мај во 1960 година го собори воената хунта на генералот Џемал Гурсел. Воената хунта тврдеше дека Мендересовата Демократска партија, која беше на власт по првите слободни избори во Турција во 1950 година, „ги издала принципите“ на првиот турски претседател Мустафа Кемал Ататурк.

1970.- Во Јордан започнаа вооружените судири меѓу армијата на кралот Хусеин и палестинските герилци.

1978.- Во вилата Кемп Дејвид завршија разговорите меѓу египетскиот претседател Садат, израелскиот премиер Бегин и американскиот претседател Картер. Притоа, беа потпишани два документа: рамки за мир на Блискиот Исток и рамки за мировен договор меѓу Египет и Израел.

1980.- Бившиот диктатор на Никарагва генералот Анастасио Сомос Дебајле е убиен во атентат во Парагвај, каде живееше во егзил по симнување од власта во јули 1979 година.

1985.- Во Њујорк умре Џулијан Бек, американски режисер кој заедно со својата сопруга Џудит Мамара во 50-те години на минатиот век го формираа авангардниот Ливинг театар. Роден е во Њујорк во 1925 година.

1987.- Во Скопје е формирано Здружение на електроенергетичарите на СР Македонија.

1991.- Собранието на Република Македонија донесе Декларација во која се истакнува дека граѓаните на Република Македонија на 8 септември 1991 година плебисцитарно ја потврдија државноста и сувереноста на Република Македонија и ја изразија својата волја таа да биде конституирана како суверена и независна држава.

1994.- Умре британскиот филозоф од австриско потекло Карл Рејмонд Попер, еден од највлијателните мислители во 20. век.

1995.- Атентатор го уби кандидатот на алжирските претседателски избори Абделхафид Бенхадид пред неговата куќа во близина на главниот град на Алжир.

1996.- Во Пекинг, на Конференцијата на Интерпарламентарната унија, Република Македонија е примена во Групацијата медитерански земји.

1997.- Во Медицинскиот центар Ајзенхауер во пустиското гратче Ранчо Мираж умре Ричард (познат како Ред) Скелтон, американски комичар. Роден е во 1913 година.

1998.- Во Скопје, во издание на НИК „Денес“, излезе првиот број на дневниот весник „Македонија денес“, весник на демократската јавност.

1998.- Во Скопје почна со работа телевизијата Канал 5.

2001.- Собранието на Република Македонија донесе Декларација за осуда на терористичките напади во Њујорк и во Вашингтон, САД, на 11 септември 2001 година.

2001.- Почна да работи Њујоршката берза по четири дена пауза предизвикана од исламистичките терористички напади на 11 септември. На Волдстрит беше забележан најголемиот пад на вредноста на акциите за време од еден ден во текот на историјата.

2002.- Во Пјонгјанг за време на историската средба меѓу севернокорејскиот водич Ким Џонг Ил и јапонскиот премиер Јоничири Коизуми, Ким се извини за порано грабнатите јапонски граѓани и најави прекин на ракетните проби.

Exit mobile version