Започнува јубилејната 20-та Интернационална ликовна колонија во Кнежино

Од утре до 20 јули во Куќата на уметноста во село Кнежино, ќе работи дваесеттата јубилејна Интернационална  кичевска ликовна колонија. Во годината на јубилејот во прегратките на храмот на уметноста ќе творат околу триесет уметници од 17 земји од светот.

-Годинава ќе имаме уметници од 17 земји од светот и тоа од: Германија, Египет, Австралија, Малезија, Украина, Романија, Турција, Словенија, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, Србија, БиХ, Кипар и други, а нашата земја ќе биде застапена со еминентни имиња од областа на уметноста како што се академиците Васко Ташкоски и Коле Манев и универзитетскиот професор Решат Амети, а на колонијата од странство најреномирано име е професорот на Универзитетот во Каиро и најпознат уметник од Египет, Ибрахим Газала.Годинава очекуваме уметниците од светот да изработат помеѓу 70 и 80 дела во повеќе техники, како масло на платно, акрил на
платно, комбинирана техника и повеќе скулптури во комбинација метал-дрво – рече Горан Донески, директор на Интернационалната кичевска ликовна колонија.

Тој потсети дека во изминатите 20 години создадени се над 1 000 уметнички дела а во депото во Куќата на уметноста има над 700 дела од светски познати мајстори а многу дела создадени во Кнежино  се подарени на голем број институции и поединци – рече  Донески.

Прво претставување на делата од оваа колонија ќе биде на 11септември во Кичево.

Текст и фото: Зоран Антоски

Exit mobile version