KICEVO.MK – За почеток

Конечно Kicevo.Mk! Искрено, го чекавме овој момент повеќе од една деценија. На 11 септември, денот на Кичево, градот го доби својот портал. И повеќе од тоа. Нека биде еден убав подарок за нашиот град, за сите кичевчани.

Се започна со легендарниот mIRC. Потоа следеа блогови. Па првиот обид во 2008 година, па Hi5 и Facebook и конечно сега, кога идејата конечно созреа.

Да се направи Kicevo.Mk е предизвик. Сега одговараме пред идеите кои си ги зацртавме и пред кичевчани за кои овој портал е наменет. Има толку многу да се пишува и уште повеќе да се научи. Ако последнава година на http://Facebook.com/Kicevo споделивме над 400 фотографии од старо Кичево, учевме едни од други за работи кои не сме знаеле, се најдовме на иста фреквенција за проблемите кои не мачат и баравме решенија за истите, тогаш ова е вистинското нешто кое може многу работи да промени на подобро.

Дајте шанса. Ви ветуваме убави работи. Кичево.Мк е млад портал кој допрва ќе се етаблира. Отворени сме за секаква соработка. Кичево има толку многу што да покаже. Млади, стари, ученици, студенти, работници, кафеџии, еснафи, филозофи, хроничари, муабетџии, девојки, дечковци, мајки, татковци, па и баби и дедовци,… кичевчани, Kicevo.Mk е тука! Каде и да сме на овој свет, во Кичево или надвор од него, нека биде успешна приказна, нека не обедини каде и да сме. Нека биде токму ова место на кое, каде и да се будиме и заспиваме на овој свет, баш тука да се најдеме. Колку и да сме слични или различни, едно нешто не обединува, љубовта кон родниот град. САМО ЕДНО МЕСТО НА СВЕТОТ СЕ ВИКА ДОМ! Нашето Кичево!

 

Со почит,

Љупчо Зорески и Теодос Пејоски