Закани по живот за режисерот на „Трето полувреме“

На Балканот по се изгледа дека ништо неможе да биде едноставно. Зошто би било, кога може да се искомплицира? Така некако може да се сфати и негативната кампања за македонскиот кандидат за Оскар, „Трето полувреме“ чиј режисер Дарко Митревски е мета на закани од националистички кругови од соседна Бугарија. Митревски во интервју за неделникот „Република“ изјави:

– До мене доаѓаат закани веќе една година. Едни ми пишуваат пораки дека ќе ме убијат, други ми праќаат пораки на „Фејсбук“ дека ќе ми го ликвидираат семејството, нивните радикални организации се закануваат дека ќе организираат насилни протести доколку филмот биде прикажан во Бугарија… И што сега? Ништо, се разбира. Секое чудо за три дена. А, дури и да не е така, дури и да бидам физички нападнат – што тогаш? Пак ништо! Филмот ќе си врви, џукелите ќе си лаат. Таа немоќ ги прави многу нервозни. И колку што се понервозни, се погласно лаат. Ама куче што лае, не каса.

Митревски ги третира и експонентите на антикампањата:

– Гледате на кое ниво се има спуштено таа пропагандна машинерија за која зборував? На ниво на Владимир Перев, михајловистичкиот Џемс Бонд од „Њ“ категорија! Кутра и бедна е таа државна безбедност, која во недостиг од аргументи и од факти мора да ангажира една гадинка од типот на Владимир Перев кој ќе ги пребројува крвните зрна на мојата мајка. Што е следното? Ќе ги пребројуваме мајмуните од моето семејно стебло? Или, пак, филоксерите од неговото? Јас од нивните напади бев прогласуван за комунист, сталинист, удбаш, македонист, југофил, србоман, полусрбин, јудео-масон… ама ниту еднаш не ме именуваа како Македонец. Токму тоа ги боли: што токму овој филм го потпишува македонски режисер кој по етничка припадност се чувствува и се изјаснува како Македонец. А, за таквите како Владимир Перев, историчарите Спас Ташев, Пламен Павлов и Божидар Димитров, политичарите Красимир Каракачанов, Евгениј Кирилов, Андреј Ковачев, Станимир Илчев и сличните на нив – не постојат Македонци. Ние за нив сме Бугари со говорна маана, луѓе од понизок ред, најобични одроди. И еден таков одрод да направи филм што толку многу ќе им го загорчи животот? Стопати подраго и поприфатливо ќе им беше доколку, навистина, бев Србин, Југословен, Рус или, макар, Евреин.

„Трето полувреме“ е базиран на автентичното сведочење на скопската Еврејка Нета Коен за фондацијата „Шоа“ и се заснова на историски факти со кои целиот свет нема проблем. Но, очигледно, некој сака да ја заташка историјата, па во тој обид направи непотрена збрка во која ја остави изолирана самата Бугарија. На проекцијата на филмот за странските амбасадори во Македонија, на која не дојде само бугарскиот амбасадор во Република Македонија, Митревски открива дека реакциите биле одлични.

Во продолжение, сведочењето на Нета Коен.

Фимот „Трето полувреме“ својата премиера ќе ја доживее на овогодинешниот фестивал „Браќа Манаки“ и македонската публика очекува многу од овој филм. Искрено му посакуваме голем успех.

Exit mobile version