Започна изградбата на автопатот Кичево-Охрид – најголема инфраструктурна инвестиција (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Со инвестиција од 375 милиони евра Кичево и Охрид ќе се поврзат со автопат,  во должина од 57 километри, кој треба да го олесни и забрза транспортот на патници и стока и да придонесе за економски и туристички развој.

Aктивностите за изградба на автопатот  почнаа денеска со поставување камен-темелник кај  кичевското село „Извор“, во присуство на премиерот Никола Груевски, министри, амбасадори, градоначалници…

– Инвестицијата за овој капитален проект се проценува на околу 375 милиони евра со што ова е највисоката инфраструктурна инвестиција во последните 50 години во Македонија, истакна премиерот Груевски.

Досега изградените автопатишта во државата во изминатите 50 години, укажа, чинат помалку од инвестицијата во автопатот Кичево-Охрид. – Тоа најдобро зборува за вредноста на овој проект. Толкава инвестиција не е вложена од никого, никогаш и во ниту еден автопат во РМ, наведе Груевски, посочувајќи дека средствата се обезбедени со особено поволен кредит од кинеската Ексим банка.

Според проектот, новиот автопат почнува од Кичево, па преку Подвис, Пресека и Песочани стигнува до Требеништа. Од тука преку Подмолје се поврзува со Охрид. Ќе има две ленти со вкупна ширина од 25,2 метри, а на трасата ќе има и 6 натпатници и 13 потпатници, како и тунелот „Пресека” со две цевки. Ќе го гради  кинеската компанија „Сајнохидро корпорејшн лимитед“. Градежните работи ќе почнат истовремено на три локации за да завршат за четири години. Во активностите ќе бидат вклучени и повеќе градежни и други компании од земјава. Согласно договорот, 51 процент од луѓето што ќе работат ќе бидат од Македонија, од општините кои гравитираат околу автопатот.

Најзначајната придобивка од новиот автопат, според премиерот, ќе биде можноста за поедноставена, побрза и побезбедна комуникација помеѓу населените места од кичевскиот и охридско струшкиот регион.  – Секако не помалку значајна е и комуникацијата на западниот регион на државата со главниот град Скопје и останатиот дел од Република Македонија. Меѓу бројните придобивки од изградбата на овој автопат ќе биде и економското раздвижување за време на изградбата на автопатот и после неговата изградба. Очекувам уште од самиот почеток на градежните активности да се отвораат многу нови работни места во градежните компании кои се изведувачи и подизведувачи на проектот, но и во многу други компании чија дејност е тесно поврзана со градежништвото, рече Груевски и додаде дека автопатот ќе биде од огромна корист и за ТИРЗ во Кичево, Тетово и Струга,  за туризмот, како и за подобрување на безбедноста на сообраќајот.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески нагласи дека по новата автопатска делница ќе се вози со брзина од 120 километри на час, наместо 60 како сега.

– Оваа автопатска делница е повеќе од значајна со оглед на фактот дека и долго време беше потреба на голем број граѓани и туристи, а води кон нашето најпосетувано туристичко место – Охрид, наведе Јанакиески.

Во наредните четири години, како што рече, со изградбата на автопатските делници од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид, како и автопатската делница Демир Капија-Смоквица на која градежните работи се реализираат во полн ек, Република Македонија ќе биде побогата со нови 132 километри автопатска мрежа.

Дополнително на ова, најави, годинава се очекува да биде распишан повик за концесионер на автопатските делници Гостивар-Кичево и Скопје-Блаце.