Заврши XX-та јубилејна Интернационална кичевска ликовна колонија

Вчера заврши дваесеттата јубилејна Интернационална кичевска ликовна колонија. Со 28 учесници од 16 држави, ова беше една од најбогатите и најплодните со дела, колонии. Учесници од 4 континенти се собраа на едно место и успешно се разбраа со јазикот на уметноста. Во Кичево твореа уметници од: Египет, Австралија, Малезија, Германија, Северен и Јужен Кипар, Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Романија, Украина, Бугарија, Турција и секако, од Македонија.

Беа изработени околу 80 дела, масло на платно, акрил на платно, акварели, комбинирани техники и 6 скулптури изработени од метал кои се поставени во дворот на „Куќата на уметноста“ во Кнежино.

Како добри домаќини, гостите беа прошетани низ Охрид каде одблиску можеа да ја видат македонската културна ризница. Беа воодушевени од единствената природа во Кичево, а вечерите беа исполнети со незаборавни забави и дружења исполнети со македонска жива музика и традиционална македонска храна, карактеристична за кичевскиот крај. Сето ова врз нив остави впечаток дека ова е една од најдобрите ликовни колонии на кои некогаш учествувале. Додека траеше колонијата, „Куќата на уметноста“ беше посетена од голем број на љубопитни гости кои одблизу другаруваа и разговараа со уметниците. Тоа е една од најубавите и карактеристични работи на оваа колонија.

Делата се веќе изложени и можат да се видат во „Куќата на уметноста“. Официјалното отворање на изложбата со овогодинешните дела, традиционално, ќе се одржи на 11 септември во НУЦК „Кочо Рацин“ – Кичево, по повод годишнината од ослободувањето на градот. Потоа изложбата ќе гостува во Културно Информативниот Центар во Скопје, за на крај да тргне на турнеја низ повеќе градови во Македонија.

Иако веќе заврши, веќе од овој момент почнуваат подготовките и потрагата по нови уметнички имиња кои ќе учествуваат на XXI Интернационална Ликовна Колонија за следната година – информира директорот на колонијата, Горан Донески.

Колонијата останува еден од најдобрите кичевски брендови препознатливи, веќе, во светски рамки.

Exit mobile version