ФОТО: Во струшко Мислешево развеано македонското знаме

На 19-метарски јарбол во струшко Мислешево, утрово пред повеќе од 2000 граѓани се развеа државното знаме на Република Македонија. Мислешевци одлучија и покрај забраната од страна на администрацијата на Мерко, да го развеат државното знаме. Беше поставена и табла со натпис „Добродојдовте во Мислешево“.

Јарболот со знамето е поставен на имот од Ѓорѓи Трифуноски кој, како што рече, не бил информиран дека земјиштето на кое се подигнуваше јарболот му било одземено од страна на државата.

– Пресреќен сум што гледам толку многу народ на овој ден. Знамето на Македонија се вее и пред Парламентот и пред многу институции надвор од Македонија и нема причина да не се постави и овде, рече Трифуноски.

Мислешевци истакнуваат дека поставувањето на знамето нема никаква политичка позадина. Во моментов во Мислешево има народна веселба.

Пред 2 недели општинските власти во Струга донеле решение за отстранување на бетонскиот столб на кој е поставено знамето без јасен одговор зошто би се отстранило државното знаме.

Администрацијата на Рамиз Мерко не реагираше при поставувањата на обележја на други држави, бесправната изградба на верски објекти, рушење на споменици на културата… Напротив, струшкиот градоначалник на заминување, често пати беше дел од контроверзни настани кои ги загреваа меѓуетничките односи во градот под Јабланица.

 

Exit mobile version