На чекор до откривањето на гробот на Александар Македонски

Јас сум тргнат по неговиот пат. Одам, и го барам. Секогаш сум зад него, и во мо­мен­тот сум зад петиците на гробот на Александар Македонски, изјави во саботата познатиот македонски археолог Паско Кузман при посетата на Хераклеја Линкестис кај Битола.

Зап­ра­шан кои се неговите претпоставки дали гробот на Александар Македонски е на македонска територија или над­вор од границите, дали е можеби во Хераклеја, Кузман кусо одговорил: “А јас ка­де сум сега? Не сакам ништо друго да коментирам”.

Што се крие зад овие изјави на Кузман? Дали тежината на самата вест кога би бил откриен гробот на македонскиот крал е премногу голема за да се преголта од еднаш? Во последните две недели во јавноста излегоа неколку вести крупни археолошки откритија. Едната во Бонче, втората во Хераклеја кога беше откриен римски гимназион, вчерашната за откривањето на гробница на моќен македонски крал од 4 или 3 век пред нашата ера и последната утрово кога беше објавено дека во Хераклеја е откриена нова некропола.

Александар Македонски умрел во 323 година (IV век пр.н.е.). Поворката со телото на мртвиот крал тргнала кон родната Македонија но по низа перипетии бил конечно погребан во Александрија во Египет од страна на неговиот генерал Птоломеј Сотер. Неговото тело го видел и му се поклонил Гај Јулиј Цезар кој лично го обожувал Александар, што значи неговото тело во I век пр.н.е. сеуште било во Египет.

Поворката со телото на Александар III Македонски на пат кон Македонија според описот на Диодор.

И според пишаните сведоштва таму останало барем уште пет века потоа откога датира и последното сведоштво на Либаниј од Антиохија (390.та година од нашата ера).

Исчезнувањето на телото на Александар Македонски се поврзува со подемот на христијанството кога голем број стари пагански храмови и скулптури биле уништени. Токму мавзолејот на Александар Македонски во Александрија каде што било изложено неговото тело било место на обожување. Оттогаш му се губи трагата. Каде завршил?

Според преданието за Свети Сисој Велики еднаш, во пустината, го пронашол гробот на Александар Македонски. Кога го видел се ужаснал и рекол:Колку голем човек беше, а сепак сега е само прав и пепел… И го затворил гробот и никому не му го покажал. Свети Сисој Велики починал во 429 година од нашата ера.

„Колку голем човек беше, а сепак сега е само прав и пепел“. Св. Сисој пред гробницата на Александар Македонски (фреска во манастирот Варлаам, на Метеорите)

Дали после ова уште некој друг го видел телото на македонскиот крал? Дали конечно го пренеле во татковината за да почива во мир? Можеби на крајот имал и христијански погреб. Секако Александар Македонски никако неможел да биде Христијанин бидејќи живеел 3 века пред Хриса. Но тогашните Христијани не би го погребале поинаку. Доколку христијани го пронашле и пренеле неговото тело, тогаш неговиот гроб и не би се разликувал многу повеќе од останатите и бил погребан како обичен човек на кој свештеник му се помолил за простување на гревовите на неговата душа. Такви биле времињата.

Но токму оваа претпоставка дава голема можност токму тој гроб да е обележан со името на покојникот кој почива во него. Од разбирливи причини, поради силното влијание на православието со своите догми, тој гроб не бил место на обожување од широкиот народ, па со тоа и не добил многу на значење, па се заборавил. Но токму тоа и помогнало истиот да има среќа да биде сочуван до денешен ден од сквернавење.

Како и да е, нашиот народ го запомнил покрај сите искушенија. Александар Македонски отсекогаш бил инспирација за сите Македонци. Но неговото дело ги надминува границите и на Македонија и на балканот. Тој е еден од ретките кој им припаѓа на сите. Со неговите доблести и маани на кои исто така нетреба да заборавиме. Живеел со вредностите на своето време. Бил првиот и најголемиот кој заминал толку далеку. Првиот кој ја родил идејата за универзално царство, царство во кое народите ќе живеат заедно, ќе патуваат непречено, ќе градат градови, царство во кое културите ќе се мешаат.

Конечно, каде би бил неговиот гроб? Во Египет? Халикарнас? Антиохија? Или конечно тука, во денешна Македонија? Некаде мора да почива.