Откриена некропола досега непозната за археолошката наука

При истражувањата на локалитетот Старо Бонче и Високо кај селото Бонче во Мариово откриена е раноантичка некропола, досега непозната во археолошката наука, јавува весникот „Нова Македонија“.

– Рано е да се кажуваат детали за локалитетот. Копаме на уште две точки – на северниот крај на гробницата од македонски тип, единствена на овие простори по архитектонска концепција. Таа е уникатна и еден од најубавите објекти од раната антика. Втората точка е местото каде што беа пронајдени трите штита од гардата на македонскиот крал Деметри. Целта на истражувањата е да го откриеме археолошкиот контекст на овие извонредни наоди пронајдени пред шест години – вели доцент д-р Антонио Јакимовски.

Остатоци од кралска македонска гробница откриена на локалитетот „Висока“ кај село Бонче

Како што пишува весникот, на истражувањата кои се предводени од Проф. Д-р. Виктор Лилчиќ работат и студенти по археологија од Филозофскиот факултет. Ископувањата ќе траат до 15 ти октомври, а истражувањето на овие локалитети е финансирано од Министерството за култура.

Како што рекол Лилчиќ, на овој потег се врши истражување на кралска гробница, а се претпоставува дека се работи за античкиот град Пелагонија.