Анализа: Зошто не смее да има никаква депонија во Церско и Суво поле и во атарите на околните села?

Анализа: Зошто не може и не смее да има никаква депонија и одлагање на било каков смет на Церско поле и Суво поле, односно во атарите на Цер, Мало и Големо Црско, Кладник, Прострање, Велмевци, Брезово и Железнец?

Деновиве сме соочени со дрска намера од страна на општина Кичево за создавање на нелегална, непрописна и дива депонија во атарите на село Прострање, Големо и Мало Црско, Цер, Велмевци, Брезово, Церско Поле и Суво Поле, Кладник, односно, највисоките делови од југот на општина Кичево и Горни Демир Хисар со што се загрозени директно изворните сливови на Треска (Пространска и Беличка река, и изворот Питран близу село Дворци), а најмногу на река Црна чијшто басен се наоѓа токму под овие атари и под Суво и Церско Поле – најголемото карстно поле во Република Македонија. Со ваков потег, Река Црна неповратно ќе се загади почнувајќи од самите извори во Железнец!

Се работи за најчиста животна средина, многу оддалечена од било какви големи загадувачи, практично без никакво загадување, со одлична перспектива за понатамошен развој на постоечкото производство на органско земјоделство и сточарство и еко планински и рурален туризам. Простор со просечна годишна количина на врнежи поголема од 855 mm/m2 (според официјалните податоци од РХМЗ Скопје за период од над 23 години, но се движи и над 1000 до 1300 mm/m2годишно) кој површински е сепак прилично сув поради составот на подлогата која е високо порозна, при што целата вода понира низ внатрешноста на карбонатната маса и подоцна избива покрај коритото на сливот од Треска и во Железнец, во коритото на Црна Река.

Со изградбата на депонија сето тоа ќе се уништи во неповрат, природата нема да може да го неутрализира загадувањето илјадници години. Свесно и со умисла ќе се загрози човековото, уставно и законско право на чиста животна средина за многу голем простор!

Со директното загадување и уништување на таа животна средина, ќе се загрози здравјето и егзистенцијата на население од голем обем, дел од директно  загрозените субјекти и места се:

  • Река Црна – извор!
  • Целата животна средина во селата во непосредна близина: Цер, Брезово, Мало Црско, Големо Црско, Велмевци, Прострање, Белица…
  • Фармите на крупен и ситен добиток и пасиштата во загрозената област (вклучувајќи ги и оние на млекара Бистра која што е најголемиот производител на органско козјо и овчо сирење во Македонија), како и
  • Многу други индивидуални земјоделци, фармери, пчелари, насади, добар дел од нив органски…
  • Населени места кои користат вода за пиење и наводнување од сливот на Црна река, и тоа:
    • Село Железнец – изворите на Црна Река
    • Село Доленци – водовод од изворска вода (со потекло од Суво и Церско поле)
    • Село Жван – водовод од бунар лоциран веднаш до Црна Река
    • Село Прибилци – водовод од бунар гравитиран до Црна Река
    • Село Сладуево – водовод од бунар гравитиран до Црна Река
    • Село Белче – водовод од бунар гравитиран до Црна Река
    • Село Граиште – водовод од бунар гравитиран до Црна Река
    • Село Единаковци – водовод од бунар гравитиран до Црна Река
    • Село Света – водовод од бунар гравитиран до Црна Река
    • И така натаму по течението на река Црна…
    • Извор Питран близу село Дворци
  • Градот Демир Хисар – водовод од бунар гравитиран до река Црна со издашност од 40 l/s
  • Во Атарите на горенаведени населени места плус атарите на Сопотница, Бабино се користи водата од Црна Река за наводнување на земјоделските површини и за напојување на добитокот.
  • Рибници по горниот тек на река Црна: 6, односно 4 во првите неколку километри!
  • Рибник над село Белица итн…
Сателитски приказ на областа. Извор: Google Earth.

Катастарски и топографски приказ на подрачјето. Извор: Катастар

Претежно главнта дејност на населението на целиот регион е сточарско-земјоделска! Со изградбата на депонијата ќе се уништи нивниот опстанок, здравје и иднина. Од општина Кичево од една страна доаѓа декларативно залагање за чиста животна средина, а на дело има закана од загдување од најголеми размери. Никој нема апсолутно никакво право да им остави загадена животна средина на нашите деца и на идните генерации, а уште помалку истата да ја создаде на место каде што никогаш не била загадена и каде што е забрането да биде. Напротив, обврска на општеството е да се санира се што се уништило и да се заштитат високо сензитивни области како оваа!

Геодиверзитетот и геонаследството се бесценети и огромни, флората и фауната исто така е уникатна, со голем биодиверзитет, а исто така може да се сретнат и ретки и заштитени видови (особено орли, јастреби, рис, диви мечки, срни, елени, диви мачки) итн. Има прекрасен потенцијал и локалитети за развој на рурален туризам, ловен туризам, вклучително и спелео туризам.

 

 

 Делови од Церско Поле и Суво Поле, Баба Сач и Лубен

Со оглед на тоа што не се врши прописна и детална селекција и контрола на отпадот, од област со над 57.000 жители колку што според статистичките податоци има општината Кичево (ако не се и повеќе преку лето), ќе се создава и опасен отпад кој ќе ослободува тешко загадување како во воздухот, така и во почвите и подземните води од каде понатака преку изворите и бунарите ќе врши трајна и неповратна контаминација на населението и животната средина. Ќе има материи со висока реактивност (оксиданси), запаливост, надразливост, токсичност, инфективност, канцерогеност, токсичност за репродукција, екотоксичност и со својства на испуштање отровни гасови при контакт со вода, воздух или киселина, отпад од азбест, тешки метали (метали кои имаат релативно висока густина и се токсични при многу ниски концентрации: жива, кадмиум, олово, хром, литиум, арсен, бакар, никел, манган, алуминиум, антимон итн и се мошне опасни по здравјето на луѓето и и животната средина, кога ќе се апсорбираат во телото и ткивата, тешко можат да излезат (а често и скоро никогаш) и само ќе предизвикуваат тешки болести и состојби и генетски и клеточни мутации), пестициди, нитрати и фосфати итн…

Се сака сето ова да се направи со заобиколување на процедурата за отварање на депонија, без потребните дозволи, без согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање, со кршење и непочитување на Законот за води, Законот за заштита на животна средина, Законот за управување со отпадот, без законски план за управување со отпадот на општината, без никакво одобрување од органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, без никаква планско-урбанистичка документација, без еколошка дозвола односно без запазување на сите правно и морално-етички и демократски норми, на многу дрзок начин!

Накратко кажано, според никој закон, никоја норма, домашна, од ЕУ или меѓународна, во таа област не може и не смее да има никакво загадување и никаква депонија и одлагање на било каков смет!

Подолу во текстот ќе се вратиме повторно на позитивните законски прописи и норми.

Друга топографска карта од областа

Во продолжение би сакал да се осврнам малку на физичко-географските одлики на теренот.

Подрачјето коешто е воедно и почетен географски дел на сливот на Црна Река има јасно одредени и видливи природни граници:

Превојот Св. Илија 1525 мнв, потоа по Илинска Планина со врвот Лиска 1908 мнв, од каде северо западно од с. Велмевци Демир Хисарско врви низ Црско поле го сече стариот регионален пат Битола – Кичево и продолжува на Планината Бабасач со врвот Голем Сач 1695 мнв, а Баба Сач и Лубен на запад, со превојот Турла (1099 m) се одвоени од ридот Бабен (1220 m), додека на исток преку долината на Жаба продолжува повисоката Бушева Планина. Двете планини зафаќаат површина од 221 km2. Баба Сач има површина од 39,5 km2. Лубен пак, кој е појужно, е со највисок врв Кафчал (1764 m). Поради тектонската предиспонираност, на овие две планини доминираат северни, северозападни и јужни експозиции, кои, во основа се доста стрмни, особено во хипсометрискиот појас над 1000 m. Во геолошката градба доминираат палеозојски масивни мермери со голема моќност, што условило појава на интензивна карстификација, претставена со речиси сите површински и подземни карстни форми: шкрапи, вртачи, ували, големото карстно Церско Поле, понори, пештери, пропасти и др. И иако на овој простор се наврнуваат просечно, годишно, над 850 mm врнежи (некогаш многу повеќе), поради карстниот процес речиси целото количество понира во внатрешноста на карбонатната маса и избива во вид на извори покрај коритото на Треска и во Железнец и на север кај село Дворци во изворот Питран.

Темовски Марјан: Суфозијска вртача (алувијална вртача), која настанува поради подземно измивање на растреситите седименти во карстниот систем кој се наоѓа под нив. Извор: „Студија за состојбата со геодиверзитетот и геолошкото наследство на Република Македонија и другите компоненти на природата (биолошка и пределска разновидност)“ На конкретниот простор карстот е добро развиен, па водите од врнежите и од површинските водотеци (Церска Река), понираат во Церско Поле а водата излегува во изворите на Црна Река (Железнец) на југ и во изворот Питран на север (Дворци).
З. Илијоски, И. Лончар, С. Лазаревски 1992-1999, Основ на Хидрогеолошка карта лист Крушево К34-91 1:100000, Градежен Институт “Македонија” А.Д. Скопје

Со селекција и зум на загрозеното подрачје каде е јасно прикажан правецот на движење на подземните води. Последниот дел од сликата е хидрогеолошки профил.

Границата потоа продолжува на Бушова Планина северно од селата: Пуста Река и Горно Дивјаци кај врвот Стара Мусица 1788 мнв. Инаку целиот слив на Црна Река е изграден од три геотектонски струкрурни целини и тоа: Горниот и западниот дел на сливот се наоѓаат на подрачјето од западно Македонската зона, средниот во Пелагонидите и долниот во Вардарската зона. Подрачјето што припаѓа на западно Македонската зона е изградено воглавно од: палеозојски и тријаски формации и тоа првествено од кристалести шкрилци и варовници, т.е. мермери и доломити, како и од гранити но од подрачјата во сливот на Црна Река со најинтензивен карстен процес е планината Баба Сач со врвот Голем Сач, Суво Поле и Церско поле кое е најголемото карстно поле во Македонија помеѓу планините Баба Сач и Љубен, дното на Церското поле има височина од 930- 1000 м. Должината на полето исток – запад изнесува 7,5 км, а најголемата ширина изнесува 3,7 км. Вкупната површина на ова поле изнесува 45 км2, а самото дно има површина од 9,5 км2, низ скастреното поле протекува Церска река која понира во средишниот дел од полето за да избие во изворите на Црна Река. Како остаток од некогашната Церска Река во долниот тек на истата денес се среќава фосилна скарстена долина именувана под името Зли Дол. Најзастапени се подземните води, врутоци и извори. Од геоморфолошки аспект, овој терен е на крајниот запад од некогашното Пелагониско Езеро, и фактички долината на црна река е заливска долина од тоа време. На полето егзистираат многу вртачи со димензии и над 250х100 метри и длабина од 20 метри. Освен скарстената цела речна долина со над 5 км – Зли Дол има и неколку други суводолици. За Зли Дол е интересно што тоа е фактички долниот дел на долината на Церска Река, на места широк е и само неколку метри, а висината е од дваесетина до шеесетина метри. Оваа клисуресто-кањонеста скарстена долина започнува на височина од 930 метри, а завршува на изворите на Црна Река на 743 метри, значи има природен пад од 187 метри. Се случува да се појави вода во тоа речно корито. Освен вртачите и увалите, има повеќе пештери, но и пропасти, локално познати под називот “дупки” и “дупки што ѕвечат”. Така ги нарекол нарадот затоа што со стотици години месното население фрлало камење во нив и ги слушало како се тркалаат повеќе од 20 секунди внатре во пропастите и на крај завршувале со плеснување во вода. Во оваа област и не е ретка појавата во понова историја да се отворат пропасти и дупки и не ретко долу да се гледаат како течат цели потоци. Населението често и ги затрупувало со големи камење кога се отварале близу нивните живеалишта и патишта и сеуште има многу сведоци за овие појави кои се случиле не така одамна. Од хидрографски аспект констатацијата е дека иако површинските врнежи може да достигнат и до 1300мм годишно, над 70% од нив понираат во испрепуканиот варовник, а останатите 30% се искористени од страна на вегетацијата, испарувањата и еден многу мал дел истекува површно (Значи кога и при големи дождови и топење на снеговите гледаме некаков тек по суводолиците или Зли Дол, можеме да замислиме дека повеќе од стотици пати вода тече долу низ варовникот!). И иако површински слив речиси и да нема, подземните води, врутоци и извори се најзастапени.

Темовски Марјан, Поглед од Суво поле спрема изворишен дел на на Црна

Самата Церска Река е еден делумен исклучок затоа што дел од нејзииот тек е стален водотек, а останатиот дел понира низ груткастат почва до потпочвата одностно до варовниците и низ нивните пукнатини надолу во внатрешноста на земјата. Таа е долга 17 км, од кои 10.5 км се површински водотек, а останатите 6.5 км доистекува како подземен водотек. Извира на 1380 м надморска височина, а се влева постeпено во повремен речен тек во Илинска река на 750 мнв. Висинската разлика од изворот до повремениот речен тек кадешто се влива изнесува 630 метри. Се случува во години на висок водостој да претставува и постојан речен тек. Други важни параметри за Церска Река се: површина на сливот вкупно 109 км2, обем на вододелнца од 51км, средна надморска висина на сливот 1112м, просечен пад на коритото 3%. Се проценува дека во карстниот масив Лубен-Баба Сач кој спаѓа во групата на многу загрозени издани (евентуалните загадувачки материи многу брзо би се дистрибуирале во подземјето и би ги загадиле подземните чисти води), резервите на висококвалитетни подземни води се: динамички од 0.623 m3s, експлотациони од 0.9 m3s и статички резерви од 600х106 m3

Во контекст на Суво Поле и Церско Поле, свежи се кажувањата и ден денес на многуте мештни кои гравитирале, живееле, патувале и работеле на овие терени за ситуации кога на пример имало огромни летни поројни дождови само во некој мал дел од Суво или Церско Поле (и никаде на друго место), а нивните комшии од село Железнец ќе им кажеле дека Црна Река се заматила од изворите и впрочем самите често пати биле сведоци и ја виделе истата ситуација со свои очи! Дури истото се случувало понекогаш и подолу во село Доленци.

Темовски Марјан, Поглед кон Цер, лево се Баба Сач и десно Лубен


Две од многуте “дупки”

Нивото на подземните води во Церско поле е највисоко во пролетните, есенските и зимските месеци бидејќи исклучиво зависат од врнежите на дожд и снег

Хидрографските и потсамолошките карактеристики на сливното подрачје на Црна Река се анализирани од страна на РХМЗ Скопје преку пет водомерни станици- хидро метриски профилирани и за сите притоки на Црна Река пооделно во периодот од 1968-1991 г. и јасно се гледа дека во мерната станица лоцирана во с. Цер на 998м надморска висина имало 855мм нанесен талог на врнежи, кој е најголем од сите 23 поставени дождомерни станици во тоа време, следно после Цер е Крушево со 820мм (има повисок надморска висина од Цер за 232 метри, но помалку врнежи!), додека на пример Битола 597мм, Прилеп има 540мм, Суводол 526мм, Кичево 761мм/м2
Ова сакам да го потенцирам за да се има претстава за целата количина на вода што се акумулира во почвата, што и впрочем е видливо од богатството на врутоците и бунарите (во алувијалните и други почви) што почнуваат непосредно неколку километри подолу во сливот на Црна Река.
Врутоците во извориштето на Црна Река се лоцирани помеѓу составот на долините од Илинска и Церска Река од една страна и селото Железнец од друга, во горниот дел од Црна Река постојат пет прилично силни карстни врутоци од кои две во сувата долина на Церска Река непосредно пред спојувањето со Илинска Река под два брега т.е. десно и лево од самото корито. Врутоците се наоѓаат непосредно над патот што води од село Железнец за село Илино. Десниот вруток ќе го означиме како вруток 1(56 l/s), а левото како вруток 2(29 l/s). Другите врутоци се наоѓаат подолу од овие и тоа: врутокот 3 (Црна Дупка-2до3m3) е на околу 800 m, низводно југо-истчно од Церска Река врутокот 4(40 l) на околу 870 m, а петиот вруток 5(412 l) исто така низводно во долината е оддалечено од првите врутоци за околу 950 м. Долината на Церска Река која дотекува од север и истата е формирана на варовнички терени, узводно од врутоците главно е сува, со оглед дека во горните делови ја губи водата преку понори. Од друга страна Илинска Река чие извориште се наоѓа под сртот на Илинска Планина, чија подлога е составена од силикатни карпи има во своето корито постојано вода. Пред спојувањето со Церска Река таа со лактест свиок го менува својот правец од североисток кон југоисток. Сите овие врутоци за кои станува збор се наоѓаат под варовничките маси што се протегаат кон север, опфаќајќи ја Попова Чука (1077m.), Голема Чука (1195m.) и Суво Поле.

Дел од изворите на Река Црна

Морфолошко – хидролошките карактеристики на врутоците добиени од катастарот на изворите за сливот на Црна Река од Заводот за водостопанство.

И да се вратиме повторно накратко на легислативата и позитивните законски прописи и норми, дел условени и дел ратификувани во согласност со меѓународните и Законите на ЕУ.

За да се отвори депонија на една нова локација, треба планско-урбанистичка документација, еколошка дозвола, одобрување од органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, законски донесен и одобрен план за управување на отпадот на општината, Законот за заштита на животната средина, согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Треба да се почитува Законот за води, особено член 111 кој се однесува на подземните води, Законот заштита на животна средина, Закон за управување со отпадот (на пример: член 24, 30, 79, 80, 85).

Уставот на Република Македонија во член 43 вели:

Секој човек има право на здрава животна средина.
Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата.
Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Во однос на усогласувањето на Република Македонија со меѓународната легислатива по овие прашања е и главата 22 од Кривичниот Закон која ги опфаќа кривичните дела против животната средина и природата. Пропишаните кривични дела се во согласност меѓународните директиви и конвенции. Имено, Република Македонија ги има ратификувано најголемиот број од меѓународните договори и конвенции од областа на заштитата на животната средина и транспонирани во националното законодавство.

Кривичното дело „Загадување на животната средина и природата“ во Кривичниот законик е пропишано во членот 218 и спаѓа во редот на пропишаните кривични дела против животната средина и природата.

Во ставот 1 од членот 218 на Кривичниот законик се пропишува дека тој што со испуштање на отровни или издувни гасови, на поголемо количество од максимално дозволеното со закон на материјали или јонизирачко зрачење во воздухот, водата или почва или на друг начин може да предизвика или ќе предизвика значително оштетување на квалитетот на воздухот, водата или почвата или опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на растителен или животински свет во поголеми размери, или на ретки видови на растенија или животни, ќе се казни со затвор од четири до десет години.

Исто така Законодавецот во Член 219 од истиот Кривичен Закон на РМ го обработил и загадувањето вода за пиење и кажал:

 (1) Тој што со некоја штетна материја ќе ја направи неупотреблива водата за пиење во извори, бунари, цистерни или резервоари или некоја друга вода за пиење, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

(2) Ако поради делото од став 1 дошло до појава на епидемија на заразна болест, сторителот ќе се казни со затвор од една година до пет години.


Делови од Церско Поле и Суво поле под снежна покривка која често е многу висока.

Можеме слободно да заклучиме дека кога една река е загадена некаде среде течението, многу полесно може да се исчисти или санира, да се изградат пречистителни станици и да се врати деградираната животна средина во првобитна положба, но кога тоа ќе се случи од самиот извор, и тоа со тешко загадување на огромните резерви на подземните квалитетни води и почвите пред изворот, таа веќе никогаш нема да биде чиста! Во нашиов случај доколку би се почнало со одлагање на отпад во овие области, неминовно ќе дојде до пенетрација на материи од површината на терените во изданските зони кои брзо ќе се прошират, без никаква шанса за самопрочистување и трајно ќе ја загрозат животната средина и ќе бидат директна закана за здравјето на населението во многу населби и градот Демир Хисар. Со оглед хидрогеолошките прилики и на типовите и класите на карбонатните карпи, нивната пропустливост, се работи за многу загрозена и ранлива хидрогеолошка средина и изданска зона, односно загрозување и ранливост од највисок степен! Тоа нема никава цена, а најмалку цена на една депонија на простор каде никогаш не може да и биде место! Збирот на атарите на сите афектирани места од еден ваков потег е над 575.5 километри квадратни!!!

Дел од областите во Демир Хисар кои што директно ќе се загадат (Напомена: овде не се опфатени областите од сливот на Река Треска)

Уште неколку слики во продолжение со панорамски слики од Церско Поле и Суво Поле, Баба Сач и Лубен.

Уште една од многуте вртачи, понори и пропасти.

Изворот “Питран” во с. Дворци (0,2-0,7м3/сек) општина Пласница, слив на р. Треска.

Трајното решение на ваквите закани во оваа област би било преку студија за реална валоризација на природните, општествените и стратешките вредности на целата област и во најмала рака прогласување на високо заштитено подрачје согласно Законот за заштита на природата. Иницијатива која се надевам ќе почне веднаш да се спроведува. Дотогаш останува должноста и обврската на сите нас да ги зачуваме овие недопрени предели природа за наше добро, за доброто на нашите деца и за доброто на идните генерации! Да останеме свесни и секогаш спремни да спречиме било какво загадување! А сите надлежни институции и овластени лица (како во оштините Кичево и Демир Хисар, така и на државно ниво, кои никако не се ослободени од одговорност во случај на непостапување) веднаш да ја спречат оваа лудост за уништување на еден од најчистите предели во Република Македонија.

Подготвил

Игор Димитриевски,

igor@velmevci.com  

Август 2018

НАПОМЕНА: При користење на податоците од анализата задолжително да се цитира:

Димитриевски И. (2018) Анализа зошто не може и не смее да има никаква депонија и одлагање на било каков смет на Церско Поле и Суво Поле, односно во атарите на Цер, Мало и Големо Црско, Кладник, Прострање, Велмевци, Брезово и Железнец

Консултирана литература и извори:

  1. Андоновски Т. (1989): Карсни полиња во СР Македонија кн. 27, Скопје;
  2. Андоновски Т. (1995): Карактеристики на релјефот во Република Македонија кн. 30, Скопје;
  3. Арсовски М. (1961): Општи црти на тектонскиот развиток на Пелагонискиот хорст – анти клинориум и неговото место во Алпската структура на Македонија, трудови на геолошкиот завод св.8;
  4. Арсовски М, Стојанов Р. (1960): Општа карактеристика на геолошката градба на Мак едонија-реферат од VI советување на геолозите од СФРЈ, Охрид;
  5. Благоевиќ Б. (1961): Хидрологија земјишта , Градџевинска кнјига, Београд;
  6. Berry, B.J. Conkling E.C. Ray,B.M.(1976): The Geography Sistems, Englewood , Cliffs;
  7. Гашевски М. (1972): Водите на СР Македонија НИП ”Нова Македонија”, Скопје; 34.
  8. Гашевски М. (1978): Основни хидрографски особености на речната мрежа во СР Македонија, Географски разгледи кн. 15-16, Скопје;
  9. Гашевски М. (1978): Основни хидрографски особености на речната мрежа во С.Р .Македонија, географско друштво на СР Македонија, Скопје;
  10. Bobek, H., Hofmayer, A. (1981): Gliedurung Oesterreishs wirt schftliche Struktur gebiete, Wien
  11. Wagner, H. G. (1981): Wirth schaft geographie, Braunschweig
  12. Дукиќ Д. (1962):Општа хидрологија, Београд;
  13. Ѓузелковски Д, Пенѓерковски. (1963): Прилог за запознавање на геолошкиот состав и хидро геолошките прилики во Пелагониската Котлина и нејзиниот обод Трудови св. 10, Скопје;
  14. Зиков М. (1991): Картографија., Универзитет”Кирил и Методиј”, Скопје;
  15. Зиков М. (1995): Просторно планирање. Скај агенција , Скопје;
  16. Јелиќ Д. (1959): Состојбата на поројноста и количините на нанос во сливот на Црна Река, Водостопански проблеми. Завод за водостопанство на НРМ, Скопје;
  17. Јелиќ Д. (1959): Состојбата на поројноста и количините на наносите во сливот на Црна Река, Водостопански проблеми кн.ХХ, Скопје;
  18. Колчаковски Д. (2001): Спелеоморфолошки карактеристики на карстниот релјеф во Република Македонија, Географски Разгледи кн. 36, Скопје;
  19. Колчаковски Д. (2001): Преглед на проучувањата на периглацијајалниот релјеф во Република Македонија во втората половина од XX век. Географски Разгледи кн. 36, Скопје;
  20. Колчаковски Д. (2004): Физичка географија на Република Македонија, стр.1- 273, Скопје;
  21. Колчаковски Д. (2004): Геотектонски основи на релјефот во Република Македонија, Билтен за Физичка географија бр.1. Скопје.
  22. Колчаковски Д. (2005): Основни хидрогеографски карактеристики на карстните врутоци во Република Македонија. Географски Разгледи бр.40, Скопје.
  23. Колчаковски Д. (2008): Морфолошки карактеристики на грабенските структури (депресии) во Република Македонија. Географски Разгледи кн.41-42, стр. 19- 29 Скопје
  24. Станкоски С. (1971): Карстни подземни облици во изворниот слив на Црна Река, Географски разгледи кн. 8-9, Скопје;
  25. Станкоски С. (1986): Пелагониска Котлина-физичко-географски проучувања со посебен осврт на хидролошките појави и проблеми. Докторска дисертација, ПМФ, Скопје;
  26. Водостопанство на Р македонија, МШВ. (1994): Водостопанство во Р Македонија, Реферати и соопштенија, Струга;
  27. ГЗ на СРМ. (1971): Хидро геолошки одлики во сливното подрачје на Црна Река и Бошава (елаборат), Скопје;
  28. ГЗ на СРМ. (1982): Истраженост на подземните води во СР Македонија, елаборат, Скопје;
  29. РГЗ, СР. Македонија низ катастарска евиденција, Скопје, 1982 година
  30. Геолошка карта на СР Македонија, издавач Геолошки завод-Скопје 1975 год,
  31. Карта на минерални суровини (рудни и рудоносни формации) на СР Македонија, издавач Геолошки завод – Скопје и Рударско-геолошки факултет Белград 1977 год.
  32. Инжинерскогеолошка карта на СР Македонија, издавач Геолошки завод Скопје 1977 год.
  33. Котевски Ѓ. (1971) Елаборат за регионалните истражувања на сливните подрачја на Река Црна и Бошава
  34. Н. Исмаилов (1956) Геолошко картирање на листот “Ресен-Крушево”, Илинска и Баба Сач Планина, трудови од Геолошкиот завод на Р Македонија, Скопје
  35. Јован Цвииќ (1911) Основе за географију и геологију Македоније и Старе Србије, кн. III, Београд, стр. 785.
  36. Ч. Стојадиновиќ (1952) Област Демир Хисарске Црне Реке и њен петрографски састав, Годишен зборник на Филозофскиот факултет на универзитетот св. “Кирил и Методиј” СР. Македонија, Географски разгледи
  37. Ч. Стојадиновиќ (1952) Долина Црне Реке у Демир Хисару (Железник), годишен зборник кн.7, Филозофски факултет на Универзитетот во Скопје
  38. Николче В. Димитров, 1984 Природно-географски и социо-географски карактеристики на северниот дел на областа Краста, Битола-Скопје, стр51.
  39. Gis Порталот на katastar.gov.mk
  40. Google maps
  41. Велимир Костовски (1960), Железник, спелеолошки изучувања, Прилози бр. 1, Научно друштво, Битола, стр 77-81
  42. Д. Манаковиќ, Т. Андоновски, М. Стојановиќ, А. Стојмилов (1998) Геоморфолошка карта на Република Македонија – текстуален дел, Географски раздели кн. 32-33, Македонско географско друштво, Скопје, стр 37-70.
  43. Ангеле Лазаревски (1993) Климата во Македонија, Скопје
  44. Лончар И. и други (1991) Хидрогеолошки карактеристики на карстната издан Баба Сач и изворите Питран кај с. Дворци, Македонски Брод
  45. Ѓ. Филиповски, Р. Ризовски, П. Ристевски (1996) Карактеристики на климатско-вегетациско-почвените зони (региони) во Република Македонија, МАНУ, Скопје, стр 177.
  46. Михајло Зиков (1988) Одлики на природно-географските компоненти во општината Демир Хисар, сојуз на географските здруженија на СРМ
  47. Миливој Гашевски (1968), Врела во извориштето на Црна Река, Географски разгледи, кн. 4, Скопје, стр 111-117
  48. Драган Колчаковски (2005), Основни хидрогеографски карактеристики на карстните врутоци во Република Македонија, Географски разгледи кн. 40 Скопје, (стр 33-46)
  49. Јован Спировски (1963) Почвообразување врз варовниците во Демирхисарско-Кичевскиот регион, Годишен зборник на земјоделско-шумарскиот Факултет во Скопје, том 16, Скопје.
  50. Ѓорѓи Филиповски (1995) Почвите во Република Македонија, том 2, МАНУ, Скопје
  51. Никола В. Димитров (2009) Велмевци – Предци и наследници
  52. Цане Котески (2011) Сливот на Црна Река – Географско картографско моделирање, диференцијација и функционален развој на одделните регионални целини, Докторат, Прилеп
  53. Регистар на потенцијали за развој на рурален туризам во Југозападниот плански регион – Фондација за одржлив економски развој – Преда плус
  54. Подготвителна студија за изработка на национален катастар на подземните води (2016), Скопје. Нарачател Влада на Република Македонија и Министерство за животна средина и просторно планирање. Реализира Градежен факултет Скопје, Изготвувачи: Милорад Јовановски, Игор Пешевски, Тодорка Самарџиоска, Бојан Сусинов, Сеад Абази
  55. Податоци добиени од страна на анкетирани Церани, Црштани, Велмешани, Пространци, Желејнчани како и жители на Доленци, Жван, Прибилци, Сладуево, Белче, Граиште, Единаковци, Света и Демир Хисар.
  56. Олгица Димитровска, 2012, Основни хидрографски карактеристики на притоките на реката Треска, Географски разгледи (46) 37-49, Скопје
  57. Војо Мирчовски, Владо Мирчовски (2008) Заштита на подземните води во Република Македонија, Конгрес Охрид.
  58. Извештај за стратегиска оцена на животна средина – стратегија за води за Република Македонија
  59. Службен Весник на РМ бр 25 (2007) Просторен план на регионот на сливот на река Треска
  60. Никола В. Димитров (2017) Географија на населби – Општина Демир Хисар, Битола.
  61. Студија за состојбата со геодиверзитетот и геолошкото наследство на Република Македонија и другите компоненти на природата (биолошка и пределска разновидност) Скопје (2016) Благоја Маркоски, Милорад Јовановски, Скопје Ивица Милевски, Владо Матевски, Љупчо Меловски, Цветанка Поповска,
Славчо Христовски, Митко Костадиноски, Свемир Горин,
Игор Пешевски, Марјан Темовски, Даниела Јовановска, Наташа Неделковска, Драган Ивановски,
Денис Јанкуловски, Владимир Златаноски, Томе Јовановски.
  62. Национална стратегија за води 2011-2041, Јернеј Новак, Нежа Кодре, Сергеја Терпин Савник, Петра Репник Мах, Соња Шишко Новак, Данило Долинар, Горан Пипуш, Наталија Кегл Пивец, Андреј Иванц, Јанез Додич, Полона Ержен Зоран Пановски, Драган Димитриевски, Љупчо Димитриевски, Блажо Боев,
Златко Илијовски
  63. Темовски М.(2014): Извештај од Златоврв велигденскиот спелео камп, Демирхисарско (18-21.04.2014). Спелеолошки клуб „Златоврв“,Прилеп.
  64. З. Илијоски, И. Лончар, С. Лазаревски 1992-1999, Основ на Хидрогеолошка карта лист Крушево К34-91 1:100000, Градежен Институт “Македонија” А.Д. Скопје
  65. Толкувач: Основ на Хидрогеолошка карта лист Крушево К34-91 1:100000, Скопје 2010 Министерство за Економија на Р. Македонија
  66. Устав на Република Македонија
  67. Закон за заштита на животната средина
  68. Закон за заштита на природата
  69. Закон за води
  70. Закон за управување со отпадот
  71. Кривичен Закон на РМ