Водата за пиење – сеуште горлив проблем за жителите на Вранештица и околните села

Иако, може да се каже, спијат на вода, често пати немаат вода ни за пиење. Ова е горлив и долгогодишен проблем на жителите на Вранештица и селата во вранештичко кои пред повеќе од една деценија се приклучија на новиот водовод. Водоводот требаше да им донесе редовно водоснабдување со чиста и питка вода од системот „Студенчица“. Но, до денес ја немаат таа среќа.

– Долги години голем проблем ни е водоснабдувањето. Се изменија многу градоначалници, ама ништо не се направи во врска со тоа прашање. Откако претходниот градоначалник презеде нешто и ја направи мрежата, дел од населението, покрај за пиење, ја користи и за наводнување. Скоро на секоја втора чешма има по едно црево за наводнување на градините, додека еден дел од жителите немаат вода ни за пиење. Нашето поле е големо, но за жал пусто, бидејќи дел од жителите поставуваат пластеници по своите дворови, садат зеленчук и го наводнуваат со водата која треба да ја користиме за пиење – се жали жител на Вранештица.

Овој долгогодишен проблем ги мачи и Вранештичани и селата во вранештичко (Карбуница, Доленци, Староец, Србјани, Бигор Доленци, Челопеци, Лисичани, Миокази, Речани, Орланци…) до кои нема притисок да стигне водата иако водостојот со водите во кичевско по последните врнежи е добар.

– Бидејќи нема поставено водомери, затоа и ни се случува ова. Ако имаше поставено, можеби ова немаше да се случи и ќе имавме чиста вода за пиење за сите – вели нашиот соговорник.

Жителите кои се соочуваат со овој горлив проблем, апелираат до градоначалникот и до ЈП Комуналец да се зафатат и да го решат еднаш засекогаш овој проблем. Се надеваат на брза реакција од надлежните, особено што жештините допрва доаѓаат.

Водоснабдувањето преставува особена тешкотија за постарите жители кои во својата длабока старост се принудени да полнат вода од селските чешми.

Exit mobile version