Обединетата Македонска Дијаспора реагира на шпекулациите од ДУИ

Обединетата Македонска Дијаспора со писмено соопштение реагираше на шпекулациите дека ќе се сретне со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за време на неговиот престој во САД. Следува интегралниот текст од соопштението.

ОМД нема потврдено средба со Ахмети

Претседателот на Обединетата македонска дијаспора Методија А. Колоски демантира дека ќе се сретне со претседателот на ДУИ Али Ахмети и неговата делегација во САД.   ОМД мисли дека е крајно непрофесионално некој да објави за каква и да била средба со организацијата без претходно за истата да има добиено потврден одговор.  ДУИ немаше до вчера по полноќ ниту побарано таква средба, ниту пак средба од било каков вид е потврдена.  ДУИ поканата за средба ја испрати откако веќе имаше објавено во дневниот печат дека средбата ќе се оствари.

ОМД отсекогаш постоела да работи за заштита на македонскиот национален интегритет, и од организацијата потврдуват дека сега како и во иднина ОМД останува верна на своите цели.  Како резултат на тоа, ОМД како организација што го преставува гласот на македонската дијаспора, не е во корист на дијаспората и Република Македонија да приговара или пак да се договара со политичар чие темно минато како водач на екстримисти остави длабоки траги и негативни последици на Република Македонија, во која за жал полека но сигурно македонскиот народ во западниот дел на Македонија се третира како малцинство во полза на албанскиот.  Во продолжение, ОМД ја отфрла и ја смета за неважечка стратегијата на Ахмети, како и неговиот став од типот на “Албанците во Македонија се оние кои немаат повеќе трпение за името и бараат решение,” кои што беа објавени пред неколку дена во дневниот печат.

ОМД е загрижена затоа што Ахмети ќе одржи предавање во понеделник на универзитетот Џон Хопкинс на тема “Македонија, Стабилна или не,” и го прашува Али Ахмети јавно да одговори, дали му доликува на еден лидер на албанското малцинство во Македонија да поставува прашање за стабилноста на државата во која неговата партија и Албанците ги уживаат сите права.  Доколку темата на неговото предавање беше “Македонија, најрамноправна држава во Балканот,” и Ахмети беше дојден во САД да ја преставува Македонија во позитивна слика и да го поддржи ставот на македонскиот народ дека ние за нашето име не преговараме по било која цена, тогаш ОМД би размислила за состанок со Али Ахмети.

 Секој вид на разговор од страна на ОМД со Ахмети би се протолкувал како поддржување на целите на Ахмети за притисок врз македонскиот народ и брзоплето “решение” кое би резултирало во промена на името.  За да не дојде до тоа, ОМД категорично одбива каква и да било средба со Али Ахмети.

Exit mobile version