Обама во трка за кичевскиот совет

Идавер Реџепоски – Обама, кој од 2009 година е советник во Општина Кичево од независна листа, стана херојот на Ромите во Кичево и пошироко.

Излегувајќи им во пресрет на сите негови сограѓани, буквално за секаква потреба за која бил замолен, омилениот советник се најде на добитното 7-мо место на заедничката граѓанска листа на советници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Реџепоски се најде на насловната на дневниот весник „Вест“

Во 2009 година Реџепоски сам си формирал листа на советници, со која на локалните избори освоил околу 900 гласови, кои биле доволни да стане советник.

Оттогаш, вели, трчал за сите негови сограѓани колку може. Каде требало помош за лекарства, кај за вработување, за водовод, за санирање на куќи, за помош при пополнување документи во институциите, таму бил Реџепоски.

„Секој ден одев кај градоначалникот на Кичево, Благоја Деспотоски. Се’ нешто барав  за граѓаните што ми се обраќаа за помош. Ми рече дека многу сум помагал на својот народ, сум бил Обама за нив. Всушност, Деспотоски ми стана кум за прекарот кој ми остана до денеска”, раскажува Реџепоски .

Тој е женет и е татко на четири деца. До 1995 година работел во државна фирма, а кога останал без работа, работел во невладина организација, а потоа на повеќе проекти за образованието на Ромите во Кичевско.

„Писменоста на Ромите сега е подобрена, не е како што беше порано. Тоа се почувствува и во моето семејство, син ми е на факултет бруцош, а ќерките близначки ми се матурантски во Средното медицинско училиште”, вели Обама.

Извор: Вест

Exit mobile version