Кичевчани освоија прво место на Samsung Smart App Challenge 2012

Македонскиот стартап G6 Solutions првопласиран на Samsung Smart App Challenge 2012 во организација на Samsung Electronics Ltd.

Во организација на Samsung Electronics Ltd. во периодот од Мај до Октомври 2012, развивачите на Андроид апликации од цел свет имаа шанса да конкурираат и да се натпреваруваат за буџет вреден 4.080.000 долари.

Апликацијата Crack Your Screen на G6 Solutions успеа да се избори за првото место, со што покрај паричната наградата доби голем број на маркетинг бенифити од страна на Samsung.

– Ни претставува голема чест што постигнавме ваков успех на светско ниво. Од друга страна ова ни е и мотив и поттик да продолжиме да напредуваме и да се надградуваме. Конкретно оваа апликација не беше посебно наменета за овој натпревар, бидејќи истата ја имаме веќе една година на официјалниот Google Play Store, а сега само ја прилагодивме според барањата на Samsung и ја пријавивме и на Samsung маркетот со што се квалификувавме за учество на натпреварот – велат од G6 Solutions.

Crack Your Screen има над седум милиони инсталации

Натпреварот беше наменет за сите Samsung Android паметни таблет/фаблет уреди и поделен во 3 категории: најдобра игра, најдобра апликација и најдобра S Pen апликација.

За популарноста на овој настан на светско ниво, покрај буџетот и маркетинг бенифитите од страна на Samsung, говори и фактот што конкурирале повеќе од 1200 апликации до Август – бројката на апликанти до крајот на натпреварот не е сеуште јавно објавена.

Crack Your Screen е мобилна андроид апликација од забавен карактер и покрај достапноста на Samsung маркетот, истата е достапна и на официјалниот Google Play Store и според статистиката објавена од G6 Solutions, истата само на Google Play Store бележи повеќе од 7.5 милиони симнувања односно апликацијата е инсталирана на повеќе од 10 милиони Андроид уреди на сите маркети во последните 12 месеци.