Кичевските планинари освојуваа планински врвови во Бугарија

Кичевчани го развеаа македонското знаме на врвовите на Пирин планина. Планинарите од планинарското друштво СПД „Два камна“ од Кичево ги искачија врвовите Вихрен (2,914 м) и Тодорка (2746 м) во Република Бугарија. Сите 12 планинари кои тргнаа на планинарската тура успешно ги искачија и двата врвови.

– Искачувањето на Вихрен беше изведено по екстремната патека “Кaзани” и траеше околу 4 часа. Мора да се истакне дека сите планинари беа одлично физички подготвени да одговорат на предизвиците од патеката и се покажаа во одлично светло. Временските прилите беа одлични па бевне во можност да уживаме во прекрасниот поглед од врвот. По задолжителното фотографирање и краткиот одмор групата тргна кон Хижа Вихрен каде што не чекаше превозот. Поради камениот терен слегувањето од врвот се покажа како понапорно одколку качувањето и траеше околу три ипол часа. Наредниот ден беше резервиран за разгледување на Банско и заслужен одмор – раскажуваат од друштвото.

Фотографија за спомен. Кичевчани од СПД „Два Камна“ на Врвот Вихрен на надморска височина од 2914 метри. Погледнете го целиот албум од искачувањето на Вихрен

Вихрен е највисокиот врв на пиринскиот масив и втор во Бугарија, втор во Бугарија по Мусала и трет на Балканот. За неговото искачување потребна е добра подготвеност, но искачувањето на него е вистински предизвик кој не се заборава.

-Третиот ден се изведе искачување на врвот Тодорка кој беше полесен за искачување го искачивме за триипол часа, а слегувањето беше изведено за 3 часа. Прекрасен поглед од Тодорка кон Вихрен како и на повеќе од 10 планински езера – очи. Планинарите сите полни со импресии од убавината на Пирин и заеднички заклучок за одлично поминат викенд се упати кон Македонија со надеж за повторување на турата.

Врв Тодорка, Пирин планина, 2746 метри надморска висина. Погледнете го целиот албум од искачувањето на врвот.

Учесници на турата беа: Марјан Ристески – Роко, Томче Стевановски, Лена Цацова , Илија Димоски, Горан Трајкоски, Балгојче Аврамоски, Лилјана Петровска, Андријана Наумовиќ, Мартина Станоеска, Бобан Стојкоски, Филип Станоевски, Мите Пејчиновски.

Планинските очи на Пирин. Поглед од врвот „Тодорка“

Планинарското Спортско Здружение ” Два Камна ” – Кичево постои веќе неколку години брои околу 20 сетина активни членови од сите возрасти. Досега се реализирани 25 проекти – планинарски тури и истражени се 10 планински масиви во Македонија како и 2 планинарски тури во Бугарија, една во Црна Гора и учество на нивен член во експедиција за искачување на Монт Блан.

Членовите се ентузијасти кои имаат планови за подобрување и омасовување на планинарството во Кичево, но ограниченоста со финансии ги забавува реализирањето на нивните замисли. Се гордеат со тоа што се еден од најмладите клубови по возраст на членовите од планинарските друштва во Македонија.

Ова нека биде апел до сите лица кои можат да помогнат на секаков начин бидејќи луѓето како нив го претставуваат и Кичево и Македонија на најдобар можен начин.

Се читаме до следната тура и репортажата од некој врв!
Приклучете се: СПД ” ДВА КАМНА ” Кичево на Facebook