Кичевчанец во Тбилиси: Како ја доживеав Грузиската престолнина

Пишува: Др. Христијан Петрески

Првиот впечаток кога се симнавме од авионот на аеродромот Шота Руставели во Тбилиси, беше дека ќе имаме привилегија да се запознаеме со нешто ново и досега непознато за нас. Не пречекаа двајца наши колеги и заедно започна нашето патешествие. Возејќи не по широките булевари на пат за Тбилиси, почнавме неврзан разговор за тоа како се условите за живеење во Грузија. Искрено ни одговорија дека денес далеку се живее подобро отколку пред неколку години и дека во државата е влезен многу странски капитал. Сепак не заборавија да истакнат дека јазот меѓу богатите и сиромашните луѓе е огромен.  Една од првите работи што ги забележав во Грузија беше огромното присуство на полицијата која ја имаше на скоро секој чекор. Подоцна колегите ни објаснија дека, наводно, нивната држава била многу безбедна и сигурна, цитирам: „може да ја оставиш колата отворена сосе клучевите на неа и никој да не ја чепка“.

Поглед на Тбилиси

Вечерта неможевме да видиме многу од убавините на Тбилиси но затоа следниот ден откако доручкувавме во хотелот не пречекаа насмеаните лица на Ваза и Давит, колеги кои специјализираат на Националниот институт за Ендокринологија во Тбилиси. Неможам, а да не истакнам дека на почетокот на патувањето кое беше на покана на EASD – European Association for the Study of Diabetes и каде ние имавме активно учество со презентација на case report, постоеше доза на скептицизам за тоа на што ќе наидеме во Грузија, но сето тоа беше непотребно. Едноставно, луѓето што ги запознавме таму беа најгостопримливите и најљубезните кои сме ги запознале досега и не пленија со нивната добродушност, искреност, култура и спонтаност… луѓе со традиција и голема верба во религијата – скоро на секој чекор имаше прекрасни цркви, но исто така наидовме на џамија и синагога.

 

Градот има многу цркви, но и понекоја џамија и синагога

Одејќи по улиците на Тбилиси наидовме на зградата на парламентот кој денес го дислоцирале во друг град, се со цел да се избегне сообраќајниот метеж (кој мисли дека Скопје е хаос нека појде во Тбилиси ) но сето тоа функционира едноставно, би рекол организиран хаос. Секој возач влегува во лентата на друг и никој не се буни, не свири ниту се кара и сето тоа е како некој претходно договорен систем.

Разни кадри од Тбилиси

Одејќи кон центарот наидовме на Плоштадот на слободата каде во минатото била статуата на еден од најпознатите Грузијци – Сталин, кој и денес има свој музеј во неговиот роден град Гори. Следно нешто што го видовме беше прекрасниот Мост на мирот, потоа со жичарницата се искачивме на врвот на ридот од каде ни се откри прекрасен поглед на целиот град. Следно нешто што го видовме беше стариот дел на градот кој заедно со своите бањи криеше еден куп легенди кои нашите домаќини несебично ни ги раскажуваа.

 

Мостот на мирот и Плоштадот на слободата во Тбилиси

 

 

Центарот на Тбилиси и импозантната црква Света Тројца

 

Како и да е, Грузија имала бурна историја и непрестајно била во конфликти со нејзините соседи… последен беше конфликтот со Русија за Абхазија кој неславно заврши за нив, нешто за кое нашите домаќини нерадо разговараа после напорниот ден.

Нашите колеги не одведоа во еден од многуте национални ресторани. На ред дојде запознавањето со националната кујна на Грузија. На почетокот ни донесоа кхачапури некој вид на пита со сирење што беше убаво и вкусно, но потоа следуваше вистинско изненадување… кхинкали некој вид на тестенина полнета со месо (кое по избор можеше да биде свинско или телешко) уште кога го видовме изгледот се нешто ни нагоаварше дека не чека нешто чудно. Нашите колеги ни објаснија како е начинот на јадење на кхинкали и пробавме. Мислам дека тоа беше еднаш и доволно засекогаш.

 

Грузиска кујна

Месото беше зачинето со некој нивни зачин кој едноставно не беше за нас. Се обидовме од куртоазија да пробаме но тоа беше неуспех. Следно на менито беше месо на скара комбинирано со некој вид на компири кое позитивно не изненади. Сето тоа зачинето со една добра чаша на вино. Морам да истакнам дека Грузија има долга традиција на правење на вино. Мене лично ми остави впечаток Киндзмараули.

На крајот следуваше десертот во вид на Цхурцхкхела кое исто така пријатно не’ изненади.

Интересна беше и посетата на старата престолнина на Грузија, Мтскхета која беше на некои 40 километри од Тбилиси.

 

 

   

Старата грузиска престолнина Мтскхета

Преостанатите денови бевме активно вклучени во организацијата на состанокот, па така немавме многу време за шетање, освен на 3 гала вечери кои беа организирани на следниве места: Етно Тсисквили, ФуникуларRooms Hotels Tbilisi.

 

Грузиски народен танц