Кнежински манастир Свети Ѓорѓија

Некогашниот голем манастир Св. Ѓорѓија се наоѓал во атарот на село Кнежино, над популарното излетничко место Крушино. За човеково присуство има траги од најрани времиња. Уште од првите векови на христијанството тука постоел храм. Подоцна на негово место е изграден нов. Бил величествен, ограден со бедеми. Даруван е како од населението, така и од српскиот Крал Милутин.

Изгорен е од страна на дебарскиот разбојник Шаќир Бег во 1739 година. Можеби објектот го снемало од лицето на земјата но останал во душата на народот. Така денес во тек се активности за испитување и возобновување на ова духовно јадро!

Досега извршените систематски археолошки ископувања на комплексот на манастирот Св. Ѓорѓија во близина на кичевското село Кнежино, што се реализира во организација на Кичевскиот музеј на видело откри нови значајни историски податоци на животот во минатото кој засега само се насетуваа низ призмата на средновековното книжевно наследство.

Во овој манастирски комплекс откриени се темели на црква од развиениот среден век, изградена врз постар објект од ранохристијанскиот период. Се смета дека станува збор за независен патријаршиски манастир во Кичевско. Откриена е црква во базиликална форма со богат мозаичен под и некропола. Мозаикот со централен простор урамен во мозаична лента кој ретко се јавува во црковните објекти во средновековието исто така е необичен. Таков мозаик има само уште во Вељуса, Струмичко, и во “Св. Софија“ во Охрид.

Во несекојдневните наоди (двете мермерни плочи поставени на подот на наосот на кој се врежани претстави на грифони и лавови…) највпечатлив е сепак фрескоживописот од крајот на 13 и почетокот на 14 век кој како што истакнува археологот Спасевска-Димитриевска, најверојатно е дело на некој од сликарите од ателјето на познатите мајстори од тоа време Михајло и Ефтихиј. Со изградбата на новата црква која е во завршна фаза, ќе се дислоцира црквичката на локалитетот изградена во 1973 година со што ќе им се овозможи на археолозите докрај да добијат одговори на многу прашања. Досега е утврдена некрополата покрај старата црква, но поради раните гробови не се знае за кое време се работи, освен дека се монашки гробови. Од цивилната некропола на северната страна има ретки и различни дарови. Од југ има постара некропола, во неколку хоризонти дури и од четвртиот век, нешто слично на Стоби. Паралелно со археолошките ископувања на овој локалитет кој се очекува да продолжат и годинава ќе се врши и превентивна конзервација – фугирање на ѕидови, подигање на фрескоживописи и слично.

Меѓутоа, додека археолозите перманентно откриваат нови значајни нешта од далечното човечко минато, во последно време се повеќе локалитети во Македонија се на удар на диви копачи – на трагачи по скриено богатство. “Операциите на се поголем број диви копачи се забележани и на локалитети во кичевскиот регион. Неодамна неколкумина луѓе биле забележани и во комплексот на Кнежинскиот манастир, но по информацијата на жителите од Кнежино тие исчезнале во непознат правец. Не ретко дивокопачите нестручно ги отвораат и гробовите од минатото. Познат е примерот од некогашните римски гробишта во близина на селото Лешница. Некој трагајќи по злато ноќе ги “преорал“ гробиштата. Се уште отворено е прашањето кој ја уништи (прекопа) пештерската гробница под Дарда Кула кај селото Тајмиште. Со право десетината стари жители на Тајмиште ги поставуваат основните прашања на човечкото достоинство на сегашното поколение: што создаваме и што и оставаме на идната археологија? Што и дали воопшто нешто ќе пронајдат кога ќе не ископуваат нас. Дали навистина сме подготвени за своето минато? Дали сме подготвени да признаеме дека тоа секојдневно се менува и дека него можеме да го уништиме подеднакво како и својата сегашност и својата иднина.

Карактеристично за скоро сите стари православни светилишта во кичевијата е што истите се длабоко почитувани и дарувани не само од православните верници туку и од самите муслимани!

6 thoughts on “Кнежински манастир Свети Ѓорѓија

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.