За Ахмети Кичево отсекогаш било албанско?

Kичево историски ни припаѓа нам, оти ние отсекогаш сме биле мнозинство, но ќе треба да се организира и мобилизира и дијаспората, порачал лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на средба со албанската дијаспора во Цирих, Швајцарија. Со ова, Ахмети и официјално потврди дека еднонеделната турнеја во Швајцарија, Германија, Австрија и во Италија е директно насочена да ја мобилизира дијаспората за на локалните избори во март в година да обезбеди победа на градоначалник-Албанец во Kичево. Истата порака за Kичево и за Струга, Ахмети, Абдулаќим Адеми и Изет Меџити вчера им ја упатија и на иселениците од Базел – пренесува весникот Дневник.

И покрај јавно упатената порака на лидерот на ДУИ за Kичево, најголемите македонски партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ освен декларативни изјави дека се заинтересирани да застанат зад единствен кандидат, на терен, сè уште не презеле конкретни чекори за да мрднат од мртва точка.

Ахмети и најтесното партиско раководство на средбите од албанската дијаспора отворено бара поддршка за изборите во 2013 година за да обезбеди победа за ДУИ во што повеќе општини каде што се доминантни Албанците, а како најважни ги издвојува Kичево и Струга.

– За ова е потребно мобилизирање и голема организација на дијаспората и верувам дека кичевци ќе одговорат на овој тест, бидејќи Kичево е наше – истакна Ахмети.

Абдулаќим Адеми во својство на генерален секретар на ДУИ укажа дека гласовите на дијаспората се значајни бидејќи само во Швајцарија живеат над 60.000 граѓани од Македонија, од кои повеќето се Албанци.

И покрај офанзивата на Ахмети за лов на албански гласови и од дијаспората, како и отворената и безрезервна поддршка на лидерот на ДПА, Мендух Тачи, за кандидатот на ДУИ за Kичево, македонскиот политички блок, освен желба, барем засега, нема стратегија како и по припојувањето на општините Зајас, Другово, Вранештица и Осломеј со Kичево да раководи градоначалник-Македонец. На пораката на Ахмети, вчера пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски остро врати:

– Градот Kичево е доминантно македонски. На наредните избори очекуваме граѓаните на Kичево да бидат победници и покрај политичкиот инженеринг што беше направен со територијалната организација во 2004 година. Граѓаните на Општина Kичево на овие избори треба да настапат со промотивен и обединувачки слоган „Kичево на кичевчани“.

Од партијата на Никола Груевски велат дека нема поместување во односите со СДСМ за можноста за Kичево да настапат со еден кандидат за градоначалник.

Од партијата на Бранко Црвенковски вчера одбија да го коментираат повикот на Ахмети.

– Не би коментирал повеќе од тоа што како став сме го истакнале за можноста за Kичево да биде поддржан кандидат кој ужива углед во јавноста и кај граѓаните на Kичево. Не би ни пречело освен СДСМ зад тој кандидат да застанат и другите партии, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ – вели висок функционер на СДСМ.

И додека од изјавите на функционери од партиите на Груевски и на Црвенковски има некакви шанси македонскиот политички блок да застане зад еден кандидат, за Струга ситуацијата е речиси безнадежна ако се има предвид дека за таа општина повеќе партии истрчаа со свои политички апетити и интереси. Иако ВМРО-ДПМНЕ навести дека добро би било и за Струга да се настапи со зеденички кандидат, во СДСМ се скептични бидејќи, како што велат, партијата на Груевски на изборите во 2009 година во последен момент се повлекла од таквата можност и истрчала со свој кандидат. Од друга страна, како кандидат од опозицијата зад кој би застанал и СДСМ сè погласно се споменува Сефер Цаноски, син на пратеникот Фиат Цаноски, откако ДПА ја растури соработката со социјалдемократите. Но, во игра е и можноста СДСМ за Струга да излезе со свој кандидат.

Извор: Дневник