Во спомен на Раит Ќорото

Категории: Лично, Слајдер

Тапан – Фадил, Труба – Уснија, Хармоника – Џевдет, КЛАРИНЕТ – РАИТ ЌОРОТО

РАИТ СЕЛОСКИ, 1938 – 2001 година, по етничка припадност Ром, изданок на позната Ромска музичка фамилија, попознат во народот, Кичево и пошироко како РАИТ – ЌОРОТО, надимок додаден од народот поради неговиот хендикеп, имено тој беше ќор на едното око 100 %, а на другото 70 – 80 %. Најдобриот кларинетист до денес кој се изнедрил од овие простори.
Неговото свирење кларинет преставуваше източник, врвно мајсторство на тој инструмент тогаш и сега, за кое сведочат многуте настапи на свадби во Кичево, пошироко и во Турција. Тогаш свадбите се правеа со жива музика, музиката од кај зетот една, а пак кај невестата друга. Со сватовите до кај невестата една музика, а тамо двете музики заедно свиреа. На враќање од кај невестата до куќата на зетот и после, свиреше пазарената тајфа од зетот. Задолжително кој држеше до себе за добра музика, го пазареше Раита, од страната на зетот.

57 пати Раит свирел во Турција кај нашинци, Турци отселени тамо. Да свириш во Турција која е PRIMUS во музичкиот свет за музика која ние ја слушаме и практикуваме, треба да си исто така ПРВ.

Паметам една случка раскажана од музичар – учесник. Раит бил пазарен од кај зетот да одат по невестата во Кавадарци. Од страната на невестата била пазарена најдобрата музика во Кавадаречко, тоа му било пренесено на Раит. …… „цело време додека се доближувавме до куќата на невестата Раит беше резервиран, свиреше со пола нефес (здив), наслушнуваше што „знае“ спротивната музичка тајфа, особено кларинетистот. Од кога се увери во квалитетите, само му се обрати на тапанџијата со зборовите:… „Ајде црнко (црн како Ром – негов роднина), удри сега најсилно што знајш по тапанот“……Како што наближувавме кон куќата и другата музика, летаа искри од џасот (голем тапан со чинела), трубата фрчеше како лут слон, а Раит = Виенска симфонија. Директ му одеше в лице на кларинетистот, барајќи дуел. Дуелот беше прифатен. Свирни тој мајсторија, свирни Раит, побарај го тој Раита во непознато, иссвири го истото и возврати му Раит со сопствена мајсторија. На крајот му го стави Раит својот кларинет на десното рамо на кларинетистот, иссвири работи што тој ниту ги чул, ниту можеше да ги свири и прати, му пушти рака и му рече: …. „Ти оди напред, ти си мајсторот (тоа е музички гест на почит за подобар од себе) “ ……..

Во тие времиња, актуелни беа Вашарите. На секој Вашар (собир на народ од цела околија во Манастири, месности со историско значење, итн), главен збор го имаше тајфата од Раита. Секогаш имаше повеќе музики, на кој се играа ора од вљубеници во фолклорот (ги имаше доста во тоа време), но најповеќе во просторот кај што свиреше Раит. Исто беше и за 1 – ви Мај, насекаде музики но по присутноста на народот и посетеноста, најмногу кај Раита, три пати повеќе од сите останати заедно.

Не остана незабележан од официјалниот музички свет. Бил повикан на проба во Скопје, во Македонската Радио телевизија. Свирел тамо во 2- 3 дена пред Тале Огненовски и други музички икони, ставен под најголема доза на сомнеж поради неговата нотна музичка неписменост = тој не познаваше ноти, беше „Уличен свирач“. Повторно раскажано од присутниот сведок – музичар кој мораше да го прати и држи под рака поради хендикепот со очите на Раита. Тале Огненовски му рекол: ….. „Ти си одличен кларинетист и мој заменик, ако сакаш да останеш овде ќе бидеш вработен, кога не ќе можам да го водам оркестарот, ти ќе ме заменуваш (се мисли на Оркестарот при М.Р.Т.). Уште на слегувањето по скалите, Раит ми рече: ….. „Не су ја за овде бе Сеадин, за рака да ме однесиш до студио, за рака да ме донесиш по скаливе“……. Тука завршува можната музичка кариера ставена на носач со звук од кларинетот на Раит Ќорото.
Должен сум да прочитам меѓу редови, дека тоа на одреден начин им беше олеснување на неговата тајфа, зошто тврдам а и самите тоа го знаеја, парите што ги земаа како пазар и бакшиш на негова слава за свадбите, вашарите, Водици, испраќање во војска и други музички свирки, никогаш и нигде со некој друг.

Доаѓаше да свири на Водици кај нас во село Ижишта и ги земаше најдобрите и најголемите пари. Најдобри, зошто беше почитуван, никогаш ненавреден, како Ром (го имало и има насекаде), со најголема почит кон неговото мајсторство. Тоа беше спој на најдобрите, нашето село со најдобриот кларинетист. За никаков (поголем пазар) Раит не одеше да свири во други села на Водици, а имаше многу поголеми села со куќи и луѓе од Ижишта. Сите знаеја „За Водици Раит е во Ижишта“….Преку 20 години доаѓаше редовно нон – стоп со неговата тајфа кај нас на Водици. До танчина знаеше во која куќа кое оро, песна и езгија треба да се иссвири за да се направи измет (послуга) на секој од нас.
Ќе му се добереше на уво Сеадин и ќе му речеше:….. „Симо Бајде ќе играт“………ќе слушнеш сербане, елегија, мртов да си да заиграш, а Симо Бајде наша гордост, играч над играчите, по 3 – 4 саати ќе му свири, мерак да ти е да го гледаш орото со неговите бојдаши, Ило Налкоски, Драган Кочоски, Бранко Учо, Мико Пуре, Милош Пуре, Симо Боко, и др. Пари најголеми, немерени и никогаш недоплатени за марифетлукот на Раита. Тој и само тој и покрај неговата музичка генијалност имаше одважност, сајгија,измет и маленкост кога ќе видеше дека веселбата е во делириум, да легне на душеме или земја по куќите и со кларинетот вертикално нагоре кон плафонот да исвири таксими, маниња недофатни за никој.
Неговата тајфа беше составена од 5 свирачи: Кларинет – тој, Добош (барабанче) – Сеадин викан Целе, Џас (голем тапан со бакарна чинела), – Екрем, попосле Фадил, Труба – брат му Уснија и Хармоника – брат му Џевдет.
За споредба, денес музиката доаѓа и со саксафон како појачување и одмена на кларинетистот, па пак се уморни од дувањето. Раит за дување беше компресор и во буквален смисол на зборот, на кој не му требаша плус саксафон како денешниве тајфи.
Неговиот начин на изведба и имитација на петел со кукурикање на кларинет и денес е недостапно 100 % дури и на добрите Кичевски кларинетисти како што е Уко. Го запрашав еднаш, како го научи, ми одговори: …. „Татко ми ко ќе дојдеше дома од свирење, ќе ми направеше кукурику и ќе ми речеше: ….. „Ко ќе напрајш и ти ќе ти купа бомбон (за тоа време скапа награда оти немало слатки на секој ќош како денес)“ ..Три месеци вежбав ден и ноќ, и свирнав и заработив бомбон…….“

Раит, Ти со твоето кукурику спечали и заработи илјадници пријатели, музикопоклоници помеѓу кој сум и јас и оваа моја сторија е доказ колку си останал во спомени и после твојата смрт.

Случка, јас сведок: ….. „Излегуваме со кола јас и мојот прв братучед Наќе од Бечеј, Раит свири пред куќа на некоја свадба, бевме „приметени„ од Сеадин (голем инќар за пари) и само му подвикна на Раита:…„Наќе“, Раит се сврте, за 5 секунди го втурна кларинетот низ пенџере в кола, ја засвири …..„Утре е петок сабота, Ќираца ќе оди на пазар да ми го бара Наќета …….. Наќе му даде како денешни 1000 денари, се сврте во орото и пак си продолжи со свирење на претходното оро. Точно знаеше која песна му е слабост на братучед ми, за чесно да заработи некој денар.
Случка втора, сведок брат ми Зоран Стојаноски: ….. „Музичарите порано на Водици во Ижишта спиеја по куќи кај Божи Кумот, бидејќи единствен превоз беа само автобусите, а тие редовно беа преполнети. По завршувањето на Машки Водици (првиот ден), доаѓаат на спиење музичарите кај нас дома негде околу 2 : 30 саат после полноќ. …… „Раит ми побара ракија во чоканче, му донесов. До сабајле до 7 саатот в зори свиреше работи , кој никогаш повеќе нема да ги слушнам. Ќе се свртеше некој од другите музичари при спиењето и ќе речеше тивко, без да го навреди оти беше МАЈСТОР, мајсторе и утре треба да свириме, а Раит ќе си продолжеше, а утредента како нов“ ……
Денешниве музичари, нека ми простат, се штедат на секаков можен начин, иако се прилично добро наградени од нас на Водици, но тоа е планетарна болест = ИНСТАНТ ПАРИ, брзи и лесни, ако се може.
Со оглед на неговата музичка грандиозност, остави само неколку касети снимени од ентузијасти и вљубеници на кои им свирел на свадба, испраќање во војска, или сербане за душа. Констатација на мојот роден брат Зоран,: …. „ако се работеше за Македонец, тој денес ќе имаше снимено како траен музички белег оставен на Македонската народна музика, преку 150 ора, но тој беше Ром ………. и немаше кој неговото музичко познавање и виртуозност да ги сними и обработи“ ……ја објаснува суровата реалност за богатство на кларинетист Раит Ќорото кое е немерливо по квалитет ниту со денешните кларинетисти.
Имаше обид неговиот син да ја продолжи семејната традиција, на свирење кларинет, но тој моментно живее во Германија и заработува „послатки“ пари од музичките на татко му ……..

Поседувам негово CD со дел од неговиот музички гениј и опус, и се надевам дека во најбрзо време ќе можам да ви го ставам на увид, за да се види како еден Раит Ќорото беше светлосни години музички напред и од денешните кларинетисти. Ветувам

ПОЕЗИЈА ОД ЗОРАН СТОЈАНОСКИ

Извадоци од книгата: БЕШЕ ЕДНАШ ВО КИЧЕВО

Небесна хармонија на Раита Ќороно

За легендите се раскажуваат
Спомени, преданија
Легендите заслужуваат
Писанија.

И ден – денес ако сакаш
Да споредиш како го свират ороно
Ќе чуеш, ќе речат далеку е
Од Раита Ќороно.

Во тоа време признат и прв
Во сиот познат музички свет
Раит Ќороно беше школа
за кларинет.

Го зеле, го однесле
Во Радио Скопје, онака
Сите званичници музичари
Скинале капа, му пружиле рака.

Ко ќе е накривит глата настрана
И ко ќе фатит мекам мане
Од такво мерак сербане
Се живо на оро ќе стане.

Оние тешки ора што ги свиреше
Никој до денес не ги ќари
Изметот што тој го правеше
Не се доплаќаше со пари.

Водици кај нас, а јас копиле, дете
До утро да ми свири, да се насладувам
Не знаев дека до денес, за навек
На тоа ќе се радувам.

Ние Ижиштани засекогаш
за него со бирани зборови, Големи
Ехото на неговиот кларинет
Не прави побогати, поголеми.

Пренесува и раскажува: Марјан Стојаноски – Мако

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , , , , , , , , , , , ,