Напредок нерешлива енигма за Шкендија

Со одлична игра екипата на Наредок ремизираше на тешкото гостување во Тетово против Шкендија. Кичевчани покажаа надмоќ и квалитет, па Шкендија со судни маки едвај се извади од пораз.

Натпреварот се одигра на исклучително лош терен. Напредок поведе од пенал преку Балажи во 9-тата минута. Се играше изедначено на двете страни. Во 31-ва минута Неџипи успеа да изедначи на 1-1, за само 3 минути по еден пробив на десната страна на Шкендија, Напредок преку Симоноски повторно да поведе со 2-1. Со тој резултат се замина на полувреме.

Во вториот дел Шкендија се обидуваше да стигне до голот на Пашоски, додека Напредок со брзи контри го загрозуваше голот на Шкендија. По три измени кои ги направи тренерот на Шкендија, Артим Шаќири, израмнувачкиот гол го постигна Ејупи во 79-тата минута. До крајот на натпреварот кој имаше цели 6 минути продолжение го одбележа жестока игра, на моменти некоректна од страната на Шкендија, но без голови.

Натпреварот беше одбележан со недолично и навредливо навивање на домашната публика на национална и верска основа. Црна дамка на натпреварот оставија и фрлените предмети на теренот упатени кон играчите и стручниот штаб на Напредок.

Напредок со ова реми прекина лоша серија на гостувањата во Тетово бидејќи имаше 7 порази од 2006 година па наваму. Последен пат победи пред 6 години кога двете екипи играа во втората лига.

Со ова реми Напредок остана на третата позиција со ист број бодови како Металург, и два помалку од Вардар (кој има натпревар помалку) и Хоризонт од Турново.

Следниот викенд, на 9-ти декември во уште едно дерби  Напредок го пречекува Металург во Кичево. Првиот натпревар во Скопје есенва го доби Металург. Време е за враќање на долгот. Со ваква игра титулата е реално на дофат за кичевчани!