Извештај за состојбата на Македонската Пастрмка (Salmo Macedonicus) во горниот дел на реката Треска

 

1.       Општо за видот Salmo Macedonicus (македонска пастрмка)

Опис на видот:

Македонската пастрмка е автохтон и ендемичен вид на риба, карактеристичен за водите на Република Македонија. Се наоѓа распростанета во студените планински потоци и реки со чиста, бистра вода, богата со кислород. Ги населува горното течение на реката Вардар со притоките од горното течение, потоа горните текови на притоките од средното течение на Вардар, реките: Треска со притоките, Лепенец, Кадина Река, Пчиња со притоките, Тополка, Бабуна со притоките, Брегалница со притоките. Извесно е и нејзиното присуство и во реките Бошава и Дошница.

Главата на македонската пастрмка е прилично долга и зашилена a устата е длабоко всечена. Горната вилица е тесна и достигнува до под задниот крај на окото. Има двоен ред заби. Бојата на телото е карактеристична а црвените флеки, присутни кај повеке самониди, овде отсуствуваат. Наместо нив, овде има темно црвени петна, густо расфрлени по телото, освен по грбот, каде што воопшто ги нема. Достигнува маса и до неколку килограми. Според податоците на Институтот за  сточарство – Скопје дадени за Риболовната основа за 2011-2016 година за потребите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство максималните вредности за должина и тежина во текот на 2003 година во акумулацијата Ратево уловивен е примерок со должина од 79 цм и маса од 9,8кг., а во реката Треска во текот на 2009 година уловен е примерок со маса од 4,5кг. Сметаат дека максималните димензии и максималната тежина која може да ја постигне македонската пастрмка е многу погоре споменататите вредности за должина и тежина.

Место на живеење, навики, начин на исхрана и распространетост:

Македонската пастрмка е распростанета во студените планински потоци и реки со чиста, бистра вода, богата со кислород. За живот Македонската пастрмка бара песокливо и каменесто дно. Ги населува горното течение на реката Вардар со притоките од горното течение, потоа горните текови на притоките од средното течение на Вардар, реките: Треска со притоките, Лепенец, Кадина Река, Пчиња со притоките, Тополка, Бабуна со притоките, Брегалница со притоките. Извесно е и нејзиното присуство и во реките Бошава и Дошница.

Македонската пастрмка е примарен предатор, се храни со риби (особено покрупните примероци), мегу кои преовладуваат видови кои ги населуваат пастрмските води, потоа ларви од водени инсекти, инсекти кои паѓаат во водата и што летаат ниско над неа, икра од други риби, жаби, полноглавци, црви итн. Најмногу се храни во предвечерие, ноќе  и  во рана зора.

Размножување:

Половата зрелост настапува во третата или четвртата година, кај машките може во втората. Плодноста изнесува 1000 до 2000 зрна икра по килограм телесна маса на женката. За време на периодот на мрестењето се јавува полов диморфизам. Машките добиваат поинтензивна боја, кај постарите примероци долната вилица се издолжува и куковидно се извива нагоре (навнатре), додека женските имаат силно набрекнат стомак, а околу половиот отвор се забележува надуеност и зацрвенување. Кај машките тој отвор е во вид на кон внатре вдлабната цепнатина.

Македонската пастрмка се мрести обично во периодот ноември-јануари, а зависно од термиката на водата (настапување на зимата), може да биде и порано, односно подоцна. Икрата ја исфрла на плитки  места  со силно струење на водата и на песочно-каменеста подлога, во која женката претходно со опашката неправилна длапка (гнездо) со димензии 20-30 цм ширина и 15 цм длабочина.  Веднаш  потоа машката риба ја прелива икрата со млеч и по оплодувањето обете риби ја покриваат оплодената икра со камчиња за да ја заштитат од однесување од водата и од изедување.

Периодот на мрест кај пастрмката е од почеток на ноември до крај на  месец февруари.

На риболовниот ревир “Треска 1” како специфична локација каде се мрести македонската пастрмка во Риболовната основа на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е определен делот од изворот до мостот на патот  Кичево-Битола.

 

Salmo macedonicus (македонска пастрмка)

Значење на Salmo macedonicus:

Значајна е од аспект на рекреативен риболов. Македонската пастрмка е високо-атрактивен вид за риболов. Се лови со вештачки мамци (мушица, воблер, блинкери) како и со природни мамци од животинско потекло (ларви, црви и др.).

Како резултат на долгогодишната негрижа и масовното изловување со дозволени и недозволени риболовни средства популацијата и е значително намалена. Денес постојат водотеци во кои е потполно истребена. Од тие причини се прават исклучителни напори за нејзина ревитализација и за реинтродукција во водотеците каде некогаш живеела.

2. Река Треска – хидрографски и климатски карактеристики

Реката Треска во Кичевската Котлина позната како Голема Река, е трета по должина притока на реката Вардар. Извира од карстен вруток кој се јавува на јужниот огранок на планината Бистра, под врвот Киска во с. Извор во Копачка на 740 м надморска височина, а се влива во Вардар во Скопската Котлина кај с. Сарај, на надморска височина од 260 м. Вкупната должина на текот изнесува 138 км, со пад од 480 метри и сливна површина од 2.068 км2 или 8,04% од територијата на Р. Македонија.

Во својот еволуционен развиток Треска ги изградила Кичевската (14,0 км), Бродската (17,5 км) и Големата Клисура (66,2 км), а ја пресекува Кичевската Котлина, Бродското алувијално речно проширување, Порече и мал дел од Скопската Котлина. Досегашните истражувања  утврдиле дека Треска има пиратериска долина, која е составена од две реки: една која се вливала во Скопското Езеро- Долна Треска и друга која се вливала во Поречкото Езеро- Горна Треска. Оваа што се вливала во Поречкото Езеро истекувала преку Барбарас и Уши во Пелагонија. Со истекувањето на Скопското Езеро се спуштила долната ерозивна база во Скопската Котлина, се јавува зголемување на вертикалната ерозија што предизвикало назадно поместување на извориштето на Долна Треска и негово навлегување во басенот на Порече. Така ја одводнува водата од Поречкото Езеро и врши пиратерија на горнито тек односно Горна Треска и изградува единствена долина. Во оваа долина денеска егзистираат две акумулациони езера: Матка и Козјак. Средниот тек на Треска, околу с. Здуње, месното население го именува како Горна Треска, а горното поречие околу Брод како Долна Треска што не одговара на стварноста.

Густината на речната мрежа е 209 м/км2, односно Треска прима 13 поголеми притоки и тоа осум од левата и пет од десната страна.

Леви притоки на Треска се:  Студенчица (13,8 км), Зајаска Река (27,1 км), Рабетинска Река (12,2 км), Девичка Река (13,0 км), Слатинска Река (16,2 км), Тополничка Река (12,6 км), Мала Река или Црнешница (27 км) и Сува Река или Фуш (25,6 км).

Меѓу нив најголем наклон има Студенчица (52‰), а најголема сливна површина Зајаска Река 295 км2. Изворот на Студенчица е каптиран и врз база на неговата издашност од 800 л/с изграден е регионалниот водовод од каде што се снабдуваат со вода Кичево, М. Брод, Крушево и Прилеп.

Поголеми десни притоки на Треска се: Беличка Река (15,7 км), Сланешница (12,2 км), Крапска Река (4,1 км- понорница), Белешница (5,8 км) и реката Оча (4 км исто така понорница).

Средниот проток на вода при утоката на Треска во Вардар изнесува 30 м3/с. При мали води тој се намалува на 3,33 м3/с, а при големи води кои се јавуваат во пролетните и есенските месеци се наголемува на 167 м3/с. Максимална количина на вода во Треска е забележана на 16.12.1962 година и изнесувала 797 м3/с и тогаш Треска заедно со Вардар го поплавиле градот Скопје. Во летните месеци Треска главно добива вода од нејзините големи извори како што се: Изворот на Треска (600 л/с), Питран (800 л/с), Изворот на Студенчица (800 л/с којшто е каптиран) и изворот Пешна (560 л/с) којшто е периодично врело.

Во климатски поглед сливот на река Треска се вклучува во повеќе хомогени температурни региони и тоа: Кичевска котлина, Македонски Брод, Полошка котлина и Скопска котлина. Климатските услови претставуваат некаков просек од климатските услови во четирите соседни региони. Средномесечните температури во зимските месеци од годината се колебаат од 0,3 до -3,7 °С, што укажува дека снежните врнежи не се задржуваат долго.

 

Кичевската котлина е длабоко врежана меѓу високите и пошумени планински масиви. Нејзината надморска висина е 600-700 mm. Просекот на средната годишна температура е 10,8 °С. Просечната јануарска температура е под нулата додека средните декемвриски и февруарски температури се значајно повисоки. Екстремните минимуми достигнуваат и до -25,7 °С. Врнежите во Кичевската котлина се нерамномерно распределени. Во есенскиот и зимскиот период од вкупните годишни количества паѓаат 58,7%, а во пролетниот период 25% од годишните врнежи. Останатите 16,3% паѓаат во летниот период од годината.  Високо влажен период во котлината се сретнува во зимските месеци, а од март влажноста намалува кон летните месеци, за повторно да се зголеми во есенските месеци.

3.       Состојбата на екосистемот во реката Треска

Состојбата на екосистемите во реките рапидно се менува. Скоро сите големи реки во Република Македонија, вклучувајќи ја и реката Треска се под голем директен и  индиректен притисок од антропоген фактор. Бентосната заедница во речните екосистеми покажува редуцирана напуштеност, што веднаш доведува до намалување на рибната популација.

Еден од загрозените видови кој живее во реката Треска е видот Salmo Macedonicus која е со статус на глобално загрозен вид.

За спроведување на целите на проектот „Заштита на автохтоната пастрмка Salmo Macedonicus“ во периодот април-мај 2012 направена е посета на горниот тек на реката Треска и нејзините притоки.

 

  • Од состојбата затекната на терен може да се констатира дека антропогениот фактор има најголемо негативно  влијание врз екосистемот на реката Треска.
  • Со  нестручно навлегување со градежни зафати во речното корито направени се големи штети по горниот тек на реката Треска,  нарушен е природниот амбиент, нарушен е пејсажот а исто така може да доведе до нарушување на природното живеалиште на видовите.
  • Во текот на летниот период за наводнување на земјоделските површини постои големо зафаќање на водите во реката Треска што исто така доведува до деградација на бентичната заедница во речниот екосистем и нарушување на природно-биолошкиот минимум.
  • Пестицидите и хранливите материи (главно азотот и фосфорот) кои се користат во земјоделството се процедуваат во подземните води или истекуваат површински до речните корита, но исто така се раствораат и почвените честици и на тој начин го нарушуваат квалитетот на водата и почвата.
  • Депонирањето на отпад  по текот на Треска е сериозен проблем којшто може да доведе до  еколошка катастрофа. Постои опаснот од загадување на Треска од градската депонија кое може да има негативни последици по здравјето на населението. Излевањето на исцедокот од отпадот во реката може да ја наруши физичко-хемиската состојба на водите и да доведе до помор на живиот свет во водите. Цврстиот отпад, наносот и загадувачите, исто така имаат големо негативно влијание врз речниот коридори.
  • Излевањето на фекалните води е исто така опасност од загадување на  реката Треска и доведува до намалување на квалитетот на водата, деградација на речните живеалишта и губење на водниот биодиверзитет.
  • Употреба на квалитетна и питка вода како технолошка е уште еден констатиран сериозен приоблем кој доведува до деградирање на екосистемот и нарушување на природниот биолошкиот минимум.
  • Рибокрадство и ловот на ендемичните риби доведува до загрозување на видовите е најголемата опасност за и поништување на видовите. Врз популациите на македонската пастрмка направена огромна деградација. Продолжувањето на нејзиното ловење може да има катастрофални последици, кои ќе ги чувствуваме во наредните години. Затоа е потребно да се спроведе контрола врз риболовот на пастрмката.
  • За рибниот фонд во реката Треска треба да се грижат стручни институции. Да се заштити еден ендемичен вид на риба во реката Треска и  истиот да се реитродуцира во водите каде некогаш живеел. Доколку ова не се спроведе постои опсност од несакано сценарио каде ендемичниот вид може да има неизвесна иднина.

Мерки за заштита на природните живеалишта

Како резултат на Проектот Реинтродукција на македонската пастрмка Salmo Macedonicus (Karaman, 1924) во водите на Република Македонија 2009 -2010, беше зголемена популацијата на македонската пастрмка каде беа порибени 85.000 македонски пастрмки. Нема податоци каква е состојбата со порибената македонска пастрмка.

Согласно Риболовната основа на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство 2011-2016 на локациите каде се мрестат рибите, предвидени се посебни мерки за заштита на природните живеалишта: во периодот на мрест се забранува секаков вид риболов, освен риболов за научно-истражувачки цели и изведување на вештачки мрест.

Концесионерот на рибите е должен деловите од реките кои се определени како специфични локации, каде се мрестат рибите, како и пристапите до истите, во време на мрестот видно да ги обележи.  Обележувањето да биде со метални табли со димензии 70х50 цм на кои ќе стои дека делот на реката е специфична локација каде се мрестат рибите или  природно плодиште и е забранет риболовот во определениот временски период.

Времето во кое е дозволен риболовот го иззема времето на забрана за природен мрест на рибите. Времето за дозволен риболов е периодот кога рибите природно не се мрестат. Дозволен е улов на пастрмката е во седниот период: од 01 март до 30 септември. За македонската пастрмка во р. Треска, времето за риболов, во горе наведениот период, се дозволува само во деновите: петок, сабота, недела и државен празник.

 

4.       Препораки:

  • Да се заштити овој ендемичен вид на риба во реката Треска потребно е се имплементираат програми со кои ќе се зголеми популацијата на загрозениот вид Salmo Macedonicus и да се преземат дополнителни мерки на порибување на течението на реката Треска.
  • Да се идентификуваат клучните негативни фактори, приоритетите и засегнатите страни.
  • Да се промовира зачувувањето на разновидноста на видовите. Да се зачува, одржува и да се намали падот на популацијата на видот Salmo Macedonicus во реката Треска.
  • Да се обезбеди икра за за нејзина биолошка репродукција.
  • Подигнување на јавната свест за локалните проблеми и загрозеноста на ендемичниот вид Salmo Macedonicus.
  • За да се подобри состојбата на загрозените видови предлагам под покровителство на локалната власт да се формира е и координативно тело кое треба овие ставови да им ги предочи на надлежните владини служби.
  • Од страна на Локалната самоуправа да се да се изготви и имплементира Локален еколошки акционен план кој ќе вклучува и заштита на биодиверзитетот во реката Треска и нејзините притоки.
  • Да се обезбеди одржливо искористување на природните ресурси и да се изнајде решение за одржлив развој кој ќе вклучува конзервација и зачувување на екосистемот.
  • Вклучување на поголем број активисти од месното население, активисти од риболовните здруженија.
  • Формирање работни групи, изнаоѓање на решенија во тимови и подготовка на презентации
  • Изготвување и промовирање на стратегии за  зачувување на живеалиштата, стратегија за води/планови за надминување и преземање на конкретни мерки (забрана и сл).

Маја Лазареска

Магистер по Менаџмент на животната средина