Владимир Полежиноски – Авторот на асномските документи на Голи Оток

Категории: Кичево, Кичевско, Ризница

Македонската јавност не знае кој е д-р Владимир Полежиноски, доктор на Сорбона, човекот што ја понесе револуцијата во Кичевско, еден од творците на актите на АСНОМ и голооточки затвореник

На втори август 2004 година се навршуваат 60 години од одржувањето на Првото Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), одржано во манастирот “Свети Прохор Пчињски”. На ова заседание се удрени темелите на македонската држава како рамноправна федерална единица во Демократска Федеративна Југославија. Со усвојувањето на Декларацијата на АСНОМ сите граѓани на македонската држава се еднакви и рамноправни пред законите, не гледајќи ја нивната народност, пол, раса и вероисповед. На заседанието беше избран Президиум од 16 членови, претседател, два потпретседатели и два секретари.

Еден од секретарите на АСНОм е д-р Владимир Полежиноски од Кичево, првоборец и носител на Партизанска споменица 1941 година. Тој заедно со своите соборци на слободната територија во 1944 година бил еден од творците на донесените акти на АСНОМ. Македонската јавност всушност не знае кој е д-р Владимир Полежиноски, човекот што понесе револуцијата во Кичево и во Кичевско како политички секретар, целосно се вгради во подготовките на АСНОМ и стана и секретар на Президиумот.

Владо Полежиноски е роден на 30 мај 1913 година во Кичево од татко Јонче и мајка Стефанка. Основно образование завршил во Кичево, а гимназија во Битола во 1932 година. По завршување на гимназијата во есента 1932 година се запишал на Правниот факултет во Париз, каде што со успех ги завршил студиите, а потоа одбранил и докторат на универзитетот Сорбона во март 1939 година на тема “фондови за изедначување на девизните курсеви”. За време на студиите во Париз активно се вклучил во студентското демократско движење, а во 1937 година станал и секретар на студентското друштво во Париз.

Полежиноски бил повикан на отслужување на воениот рок во стара Југославија и служел во Требиње, каде што го затекнала и капитулацијата на стара Југославија. Во овие тешки години тој се вратил во родното Кичево, каде што токму тогаш Кузман Јосифовски-Питу ги формирал Месниот комитет на КПМ во Кичево во октомври 1941 година. Во почетокот Кузман не се сложил Полежина да влезе како член на МК, бидејќи сметал дека партијата е на работничката класа, а интелектуалците каков што бил Полежина, доктор на правни науки, не може да бидат членови. Сите кичевски првоборци се залагале за Полежина да биде член. По заедничката средба и разговор, Кузман Јосифовски-Питу сфатил дека Владо како убеден демократ и антифашист треба да биде член на МК.

Владо бил скромен и станал политички секретар во кичевската организација. Работејќи на подготовките во Кичево, заедно со повеќе свои другари бил затворен од италијанските окупаторски власти. Во мај 1943 година бил пренесен во концентрациониот затвор Порто Романо во Албанија. Во затворот останал се до капитулацијата на фашистичка Италија на 8 септември 1943 година. По враќањето во Кичево, активно се вклучил во Народноослободителното движење во првоослободениот град Кичево во НОВ. Благодарејќи на неговата активна работа и резултати каки и потребите бил повлечен да работи во Главниот штаб на Македонија на терен во Дебарца.

По Преспанското советување, Кузман Јосифовски-Питу требало да замине во Скопје за да се извршат подготовки за свикување на АСНОМ. Токму во силните борбени дејствија и завршните борби за ослободување на Македонија, Главниот штаб на НОВ и ПОМ се нашол во Врановци на слободната територија. Командантот Апостолски предлагал да се организира заседанието во манастирот “Свети Прохор Пчињски” бидејќи сметал дека е безбедно место и дека единиците на НОВ ќе го обезбедуваат собранието. Тука биле Ченто, Полежина, Глигоров, Апостолски, како и Темпо и многу други раководители и членови на ГШ. Според сеќавањата на господинот Киро Глигоров со кого имав чест да разговарам токму за придонесот на д-р Владо Полежина во создавањето на македонската држава, Глигоров се потсети и рече: “На слободна територија, разговаравме за формирање на државата. Не знаевме што да формираме, сите се погледнувавме меѓу себе. Тогаш Полежина рече дека Русите имаат президиум, па и ние да формираме президиум и така и стана, вели Глигоров. Сите работевме, но се разбира Полежина имаше големо познавање и даде голем придонес во создавањето на актите на АСНОМ”.

Иако Полежина целосно се вклучил во создавањето на македонската држава во власта и секако бил потребен во Македонија, веќе во март 1945 година бил коптиран во воена мисија на ФНРЈ во Франција, а од декември 1945 година во воена мисија на Југославија во Германија. Полежина бил шеф на воената мисија на Југославија при контролното собрание за Германија, при главниот штаб на англо-американските сили во Франкфурт на Мајна. Тој тогаш бил унапреден во чин потполковник во југословенската војска.

Полежина како шеф на воената делегација во периодот од ноември 1947 година па до резолуцијата на Информбирото во 1948 година, активно работел во Франкфурт во Германија. Во август 1948 година бил повикан на разговор кај шефот на руската воена мисија и оттогаш почнала голготата на Полежина. Набргу тој бил повлечен од Германија и демобилизиран од војската. Паднал во голема немилост, принуден сам да се снаоѓа за да преживее со семејството.

Во јануари 1951 година без судски процес бил лишен од слобода и протеран на Голи Оток на “Мермер”, каде што останал се до април 1954 година.

По затворот се вратил во Белград и се вработил во Народната банка, а по кусо време и во Институтот за економски работи. Поради семејни причини во 1965/1966 година дошол во Скопје и се вработил во економскиот институт. Тука се сретнал, и работел во иста канцеларија со академик Никола Кљусев. Во кусиот разговор што го имав со академик Кљусев еве што то ми рече: “На Заседанието на АСНОМ добро се сеќавам иако бев дете. Шетав во дворот на манастирот и ги посматрав загрижените борци. За Полежина знаев од документите, од прогласот на Президиумот, а кога дојде во институтот во Скопје особено бев радосен. Се сретнав со човек што знаеше многу. Од него научив многу работи. Беше мирен, тешко разговараше за поминатото време во Голи Оток, само понекогаш евоцираше спомени за Петре Пирузе и Лазар Соколов”.

Полежина до крајот на својот живот беше благодарен на своите соборци од Кичево, Борис Грујоски, Борис Алексоски – Карче, Пецо Чингоски, Драгољуб Прјоски, Илија Топалоски Аврам, кои сторија многу тој да ја добие Партизанска споменица 1941 што ја заслужил .

Во јуни 1980 поради нарушеното здравје починува Владо Полежина еден од авторите на Декларацијата на АСНОМ . Денес кичевци се горди на својот сограѓанин Владо Полежиноски, кој се втемели во македонската револуција и држава. Во Кичево неговото име го носи основното училиште “д-р Владимир Полежиноски”, како и улицата каде што е роден и живеел Владо. Починал на 16.06.1980 година.

Текст: Душан Ристоски

Коментирај:

(Kicevo.Mk се оградува од сите коментари кои наведуваат на национална, расна и верска нетрпеливост)

Документарен филм посветен на судбините на членовите на првиот президиум на АСНОМ во кој влегувал и нашиот сограѓанин, Владимир Полежиноски, интелектуалец и составувач на првите документи на Асномска Македонија.

FB Analytics


Tags: , , , , , ,

One Response to Владимир Полежиноски – Авторот на асномските документи на Голи Оток

  1. Pingback: Зошто вредиТ да си од Кичево? – kicevocity

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.